Концерт Igudesman102

5 декември, 2012

Игудесман и Џу вечерва на концертот на Македонската Филхармонија

Во Домот на АРМ со Македонската филхармонија ќе настапи атрактивното дуо Игудесман и Џу, кое ја зачинува класичната музика со комични елементи, пишува Утрински Весник. Класична музика на неконвенционален забавен начин е новиот концерт на Македонската филхармонија, кој се најавува како спектакуларен. Вечерва, на сцената во Домот на АРМ во 20 часот, првпат кај нас ќе гостува дуото „Игудесман и Џу“, кое се смета за еден од најатрактивните ансамбли на концертните подиуми во светот. Станува збор за виолинистот Алексеј Игудесман и пијанистот Хјунг-ки Џу, кои класичната музика ја зачинуваат со комични елементи и создаваат вистинско шоу на сцената, со што ѝ овозможуваат на публиката поинакво доживување на популарните класични композиции. Нивниот концерт е насловен „Big Nightmare Music“, односно „Голема кошмарна музика“, а програмата е составена од аранжирани дела од Моцарт, Штраус, Рахмањинов и од други светски композитори кои ѝ се добро познати на пошироката публика.

Неоспорната виртуозност на Игудесман и Џу, како и индивидуалниот талент во строгоста на класичната музика да најдат елементи да ја направат забавна, им донесува на овие двајца музичари распродадени концерти насекаде низ светот и настапи со некои од најпознатите светски класични музичари како Џулијан Рахлин, Емануел Акс, Миша Мајски, Џошуа Бел и многу други, пред публика од стотици илјади посетители.

„Се работи за одлични музичари кои ја презентираат класичната музика на неконвенционален забавен начин. Не беше лесно да се донесат во Скопје, но успеавме да го договориме нивниот настап и навистина сме среќни што и македонската публика ќе може да ги види“ – вели Маја Чаначевиќ, директорка на Македонската филхармонија.

Инаку, на концертот и самите музичари од Филхармонијата ќе бидат вклучени во комичниот перформанс на Игудесман и Џу, со што треба да биде создадена интеракција на сцена. Проектот го носи насловот „Голема кошмарна музика“ затоа што претставува пародија на познатото дело од Моцарт „Мала ноќна музика“ и веќе ја имаше својата премиера со Филхармонијата на Лос Анџелес.

Игудесман и Џу свират без панталони, или со маталки за нескафе, прават скечови и ја засмејуваат публиката. Тие се класични музичари, но го воодушевија светот со нивните уникатни и смешни театрални настапи. Нивните снимки на Јутјуб до денес се посетени повеќе од 28 милиони пати. Нивната цел, како што велат, е да ја доближат класичната музика до пошироката и помлада публика, па освен во класични концертни сали, настапуваат и во спортски сали и стадиони со публика од 18 илјади луѓе.

Алексеј и Хјунг-Ки се запознаваат на 12-годишна возраст во специјалното училиште за музика „Јехуди Мењухин“ во Англија и оттогаш се блиски пријатели. Во 2004 година, следејќи ги стапките на визионери како Виктор Борге и Дадли Мур, тие го креираат нивното прво шоу „Мала кошмарна музика“. По овој пробив настапуваат како дуо и солисти, со камерни и симфониски оркестри, на најзначајните светски сцени и фестивали. Многу инструменталисти кои се водечки имиња во класичната музика како Емануел Акс, Џошуа Бел, Џанин Јансен, Гидон Кремер, Миша Мајски, Викторија Мулова и Џулијан Рахлин, им се придружуваат во нивните музички скечови. Алексеј и Хјунг-Ки Џу во нивните проекти за УНИЦЕФ соработуваат и со врвни актери, меѓу кои и Џон Малкович и поранешниот Џејмс Бонд, сер Роџер Мур.

Алексеј Игудесман соработува со врвни имиња, меѓу кои е и композиторот Ханс Цимер, добитник на „Оскар“ за филмска музика, повеќекратниот добитник на награди „Греми“ Боби Мек Ферин, оскаровецот Вангелис, а исто така е избран од Били Џоел да ги аранжира и сними неговите класични композиции, албум кој се искачува на врвот на топ-листата Билборд. Игудесман и Џу се појавуваат и во неколку филмови, вклучувајќи ги и нивните остварувања „Мокументарец“ и „Сè што отсекогаш сте сакале да знаете за класичната музика“.

Погледнете како изгледа и звучи еден настап на ова интересно дуо.

Извор: Утрински Весник



Врати се горе ↑