Видео

30 мај, 2018

„Играј со срце“ е првиот официјален сингл на Марија Спасовска

„Играј со срце“ е насловот на првиот официјален сингл и прва тинејџерска песна на младата музичка надеж Марија Спасовска, која денеска беше претставена во комплет со соодветно, разиграно видео. 12-годишната пејачка, која веќе неколку години гордо ја претставува Македонија и освојува награди на повеќе меѓународни фестивали, го промовираше своето тинејџерско првенче пред поголема група поддржувачи и, секако, семејството, од кое ја добива најголемата подрршка, а сето тоа беше пренесувано во живо на Фејсбук.

„Навистина сум многу среќна денеска и се надевам дека ова е само почеток и дека ќе направам уште многу хитови, албум и дека ќе го остварам својот сон, својата цел“, изјави Марија, заблагодарувајќи им се на присутните и на сите учесници што го овозможија овој проект.

Gepostet von Marija Spasovska / Марија Спасовска am Mittwoch, 30. Mai 2018

 

Новата песна е авторско дело на композиторот Немања Михајловиќ и текстописецот Тоде Николетиќ, кој го напиша оригиналниот текст на српски јазик, чија верзија ќе биде претставена дополнително, а препевот на македонски го направи Огнен Неделковски, додека снимањето се одвиваше во „Студио 3000“ во Белград.

Разиграната визуализација, пак, е дело на екипата на белградското „Авижуал студио“, под режисерската палка и по сценарио на Алекса Миросављевиќ и со кореографија на Катарина Тодоровиќ, сето тоа снимено на повеќе локации во Белград. Како изгледа и звучи ова тинејџерско првенче на младата Марија Спасовска, можете да дознаете во продолжение. Уживајте!

И.Ј.



Врати се горе ↑