2 ноември, 2017

И вие ќе сакате да запеете со Сем Смит и Џејмс Корден

Британскиот актер и водител Џејмс Корден во повеќе пригоди го докажал својот талент за пеење, а постојано го слушаме како пее и во популарниот сегмент „Караоке во автомобил“, каде што гостуваат едни од најпопуларните музички имиња на светската музичка сцена. Сепак, се чини дека последното издание со неговиот сограѓанин Сем Смит е најмилозвучното досега, особено затоа што гласот на Корден одлично го дополнува кадифениот вокал на Смит.

Возејќи се низ Лос Анџелес, популарните Британци ги отпеаја прекрасните балади од првенчето на Смит, како што се Lay Me Down“, „I’m Not The Only One“, „Stay With Me“, малку поразиграната Money On My Mind, како и двата нови сингла од претстојниот втор албум, Too Good At Goodbyes иPray“, а на самиот крај им се придружија и девојките од американската група „Фифт хармони“, со кои го изведоа нивниот хит „Work From Home“.

Во меѓувреме тие разговараа и за некои од неговите интересни спомени и планови за иднината, па така пејачот откри дека еднаш побегнал од часови за да оди на концерт на Лејди Гага, а притоа однел фалсификувано оправдување за отсуство заради „погреб“. Како изгледаше сето тоа можете да погледнете горе.

Второто студиско издание на Сем Смит ќе го носи насловот „The Thrill Of It All“ и ќе биде објавено утре, 3 ноември. Покрај првите два сингла, деновиве беше објавена и темата „Burning“, која можете да ја преслушате во продолжение, а веднаш потоа погледнете го и трејлерот за новиот албум. Уживајте!



Врати се горе ↑