Балкан tb

12 март, 2017

И Србија ја претстави евровизиската песна

Како што се наближува крајниот рок за објавување на сите песни што ќе се натпреваруваат на „Евровизија 2017“, зејмите учеснички забрзано ги претставуваат своите евровизиски пакети за Киев. Секако дека нам особено нè интересираат песните од соседите, па откако имавме можност да ги слушнеме хрватската и црногорската, деновиве стигна и српската евровизиска песна.

Станува збор за темата насловена „In Too Deep“, која ја пее 35-годишната Тијана Богичевиќ и чии автори се Борислав Миланов, Јохан Алкенас, Лиса Ен-Мари Линдер и Јоаким Персон, кој е еден од авторите и на нашата евровизиска песна.

Тијана ја започнала својата кариера како придружен вокал за Владо Георгиев, а солистички почнала да настапува во 2009. Таа живее и работи во Бостон, а искуство на евровизиската сцена стекнала како придружен вокал во 2011 година, кога за Србија пееше Нина Радојчиќ.

Ова ќе биде десетто евровизиско натпреварување за Србија, која е една од земјите во регионот што постигнале најголем успех на познатиот фестивал. Имено, уште на првото учество како самостојна земја, тогашната претставничка Марија Шерифовиќ триумфираше со својата „Молитва“ во 2007 година, а на третото место заврши во 2012 година, кога Жељко Јоксимовиќ ја отпеа „Није љубав ствар“.

Исто како и нашата претставничка Јана, Тијана ќе се натпреварува во рамките на втората полуфинална вечер закажана за 11 мај.

И.Ј. / Фотографија: Рале Радовиќ



Врати се горе ↑