Свет

16 јануари, 2019

И Селин Дион го повлекува дуетот со Ар Кели

Канадската ѕвезда Селин Дион и американскиот рапер Ченс се најновите во низата музичари што се дистанцираат од Ар Кели, откако ар-ен-би музичарот се најде во центарот на вниманието заради бројните обвиненија за сексуална злоупотреба што повеќе жени ги изнесоа во контроверзниот документарен филм „Преживувајќи го Ар Кели“.

50-годишната дива, која во 1998 година со Ар Кели соработуваше за темата „I’m Your Angel“, одлучи да го повлече овој дует од сите глобални сервиси за слушање и продажба на музика. Песната се најде на нејзиниот албум „These Are Special Times“, а беше номинирана и за престижната награда Греми за најдобра поп-соработка.

Image result for celine dion r kelly

Раперот Ченс, пак, со Кели соработуваше во 2015 година, снимајќи го дуетот „Somewhere in Paradise“, која без најави беше повлечена од Спотифај, Епл мјузик и Тајдл. Ченс се појави и во самиот документарен филм, каде што рече дека „соработката со Кели беше грешка“. Тој дополнително им се извини на сите жртви на Кели што му требаше толку време за да проговори на оваа тема.

Минатата недела, својата соработка со ар-ен-би музичарот ја отстрани и Лејди Гага, исто така извинувајќи се за контроверзниот дует насловен „Do What You Want (With My Body)“.

Image result for r kelly chance the rapper

Како врв на кампањата „Замолчи го Ар Кели“, која започна уште минататата година и чија цел е медиумите да престанат да ја емитуваат неговата музика, компанијата „Ар-Си-Еј“ (RCA) одбива да објавува нова музика од Кели, и покрај потпишаниот договор. Во меѓувреме, речиси сите негови настапи ширум САД се бојкотирани и откажани.

Меѓу последните потенцијални докази за неговото несоодветно однесување е и снимката од документарен филм од 1994 година, во која Кели кажува дека продуцира музика за тогаш 14-годишната Алија, иако претходно тврдел дека не знаел за нејзината возраст кога стапиле во брак во август истата година.



Врати се горе ↑