Артисти MJ_KingOfPop_cvr

25 јуни, 2014

И по 5 години од смртта, „Кралот на поп музиката“ продолжува да живее

Пред точно 5 години, на 25 јуни 2009 година, светот изгуби една од најголемите легенди во историјата на музиката. Човекот кој од мали нозе растеше пред очите на целиот свет и кој остана запаметен во историјата како најконтроверзната јавна личност, позади себе остави неизбришлива трага со уникатниот и неповторлив музички стил, како и со „кратките филмови“ (никогаш не сакал да ги нарече спотови) кои сè уште инспирираат илјадници музичари ширум целиот свет.

Мајкл Џозеф Џексон, роден на 29 август 1958 година во малото гратче Гери во сојузната американската држава Индијана, е седмото од деветте деца на Џозеф и Кетрин Џексон, а својата музичка кариера ја започна уште на 5-годишна возраст кога заедно со своите браќа Џеки, Тито, Џермејн и Марлон запеа во групата наречена едноставно Џексон 5. Освојувајќи ги првите места на бројни музички натпревари, за нивниот талент слушнаа и во легендарната музичка куќа Мотаун, преводена од Бери Горди. Како што вели самиот Џексон во неговата биографија „Moonwalk“ објавена во 1988 година, уште на самиот почеток Горди им ветил дека првите три сингла ќе успеат до стигнат до првото место на топ листите, што всушност и се случи; „ABC“, „I Want You Back“, „The Love You Save“ и „I’ll Be There“ го освоија врвот на Билбордовата Хот 100 листа со што Џексон 5 влегоа во историјата како едни од првите црни уметници чии четири последователни сингла се искачија на врвот на оваа листа.

 

Иако постигнаа огромен успех под закрилата на Мотаун, чувствувајќи се ограничено во поглед на самостојното создавање на музика, Џексонови во 1975 година ја напуштија оваа издавачка куќа и ја продолжија кариерата со Епик Рекордс, со Ренди на местото на Џермејн, кој се ожени со ќерката на Бери Горди и остана во Мотаун со план за соло кариера. Со оглед на тоа што името Џексон 5 е сопственост на Мотаун, браќата продолжија да настапуваат под името Џексонови (The Jacksons), овој пат со повеќе слобода во изборот на песни.

Иако и претходно објавувал самостојни материјали, првиот албум кој го лансираше Џексон како соло уметник беше историскиот „Off The Wall“. Главните виновници за успехот на овој и на следните 2 албума се самиот Џексон и познатиот продуцент и композитор Квинси Џонс. Џексон и Џонс останаа запаметени во историјата на музиката како „тандем од соништата“, креирајќи сосема нов музички стил, неспоредлив со ништо дотогаш слушнато, а ни со тоа што сме го слушнале до сега. Иако се запознале поодамна, нивната соработка започнала за време на снимањето на филмот „The Wiz“ од 1978 година, црнечка верзија на „Волшебникот од Оз“, во кој главната улога ја игра Дајана Рос, а Мајкл се појави во улогата на Страшилото кое заедно со Дороти заминува кај Волшебникот да побара мозок.

 

На „Off The Wall“ Џексон се потпишува како автор и копродуцент на 3 од 10 песни, а изданието на кое се најдоа и хитовите „Rock With You“ и „Don’t Stop ‘Til You Get Enough“, се продаде во 20 милиони примероци ширум светот, што е навистина огромен успех, но многу помал од она што ќе следува подоцна. Во 1982 година беше објавен историскиот „Thriller“, кој сè уште е најпродаваниот и најуспешниот албум во историјата на музиката со продадени околу 61 милион примероци ширум светот (иако постојат проценки дека бројката достигнува и до 110 милиони). На ова издание се најдоа легендарните „Billie Jean“, насловната „Thriller“, „Beat It“, „Wanna Be Startin’ Something“, баладата „Human Nature“ чии автори се членовите на дуото Тото („Africa“), дуетот со Пол Макартни „The Girl Is Mine“ и други, а кратките филмови (особено за „Thriller“) сè уште се едни од најскапите видео записи снимени воопшто. Благодарение на овој албум, во 1984 година Џексон освои рекордни 8 Греми награди, што е најголем број на награди собрани во една година. Албумот доби и 2 реизданија; во 2001 година беше објавен „Thriller: Special Edition“, на кој беа додадени уште неколку бонус песни, како и „Thriller 25“ во 2008, по повод 25 години од издавањето. За ова идание Џексон сними посовремени верзии на песните во кои гостуваа колеги како што се Вил Ај Ем и Ферги од Блек Ајд Пис, Ејкон и Канје Вест.

 

Инспириран од Фред Астер, Џин Кели и музичари како што се Џејмс Браун, Џеки Вилсон, Смоки Робинсон и други, Мајкл посветувал огромно внимание на танцот и чекорите кои, покрај белата ракавица, станаа негов заштитен знак. Токму легендарната „Billie Jean“ го претстави и познатиот „чекор на месечината (Moonwalk)“, кој Џексон за прв пат го изведе во рамките на специјалната емисија по повод 25 години Мотаун. За овој настап Џексон доби пофални зборови токму од неговиот идол Фред Астер, кој следниот ден му се јавил и му кажал дека е воодушевен од неговата изведба и дека е одличен танчер.

 

Иако никој не очекувал и не верувал дека Џексон ќе успее барем да го повтори успехот на „Thriller“, во 1987 беше претставен и албумот „Bad“. Меѓу 11-те песни на ова издание, покрај насловната тема, се најдоа и хитовите „The Way You Make Me Feel“, „Liberian Girl“,„Another Part Of Me“, „Leave Me Alone“, „Dirty Diana“, „Smooth Criminal“, „ Man In The Mirror“, „Speed Demon“ како и дуетите со Стиви Вондер (Just Good Friends) и Сиеда Гарет (IJust Can’t Stop Loving You). Изданието собра бројни награди, меѓу кои и 2 Греми, а ја означи и првата самостојна светска турнеја на Џексон, која го собори Гинисовиот рекорд на посетеност – околу 540 000 посетители го проследија неговиот концерт во арената Вембли во Лондон, а вкупниот број од 123 концерти беше проследен од 4,4 милиони посетители. Краткиот филм за насловната тема „Bad“ го режираше познатиот филмски режисер Мартин Скорсезе, а ја означи и првата улога на сега добро познатиот холивудски актер Весли Снајпс. За жал, овој албум беше последниот за кој Џексон соработуваше со Квинси Џонс.

 

Во март 1991 година, Мајкл го претстави изданието „Dangerous“ под новата етикета на Колумбија Рекордс. Како прв сингл беше претставена темата „Black Or White“, чиј краток филм беше премиерно емитуван истовремено во 27 земји. По него следуваа и хитовите како што се „Remember The Time“, „In The Closet“, „Jam“, „Who Is It“, „Heal The World“, „Give In To Me и други. Во екранизациите за дел од нив се појавија познати личности како што се Мајкл Џордан, Наоми Кемпбел, Еди Марфи, Иман, Меџик Џонсон и други. За ова издание Мајкл ја започна долгогодишната соработка со Теди Рајли, кој го продуцираше и неговиот албум „Invincible“ од 2001 година, како и постхумното издание „Michael“ од 2010 година.

 

По „Dangerous“ следеа и албумитe „HIStory“ во 1995 и „Invincible“ во 2001, но за жал ниту еден од нив не успеа да ги повтори успесите на „Thriller“ и „Bad“. Сепак, од нив беа исфрлени исто така популарните хитови како што се дуетот со Џенет Џексон „Scream“, „You Are Not Alone“, во чиј видео запис се појави неговата тогашна сопруга Лиза Мари Пресли (ќерката на Елвис Пресли), како и импресивната „Earth Song“, а еден од последните хитови беше „You Rock My World“, чија екранизација собра ѕвездена холивудска екипа составена од Крис Такер, Марлон Брандо, Мајкл Медсен и Били Драго.

 

Хуманата страна на Мајкл Џексон

И покрај лукзусниот начин на живот кој го имаше во поголемиот дел од неговиот живот, Мајкл никогаш не ги заборави оние кои имаа потреба од помош. Покрај бројните синглови снимени за разни хуманитарни цели, како што се „We Are The Wolrd“ и „What More Can I Give“ (по повод нападот на кулите близначки на 11 септември 2001 година) во соработка со бројни колеги од музичкиот свет, како и неговите „Man In The Mirror“, „Heal The World“, „Earth Song“, „Cry“, „Will You Be There“ и други, Џексон донираше стотици милиони долари во разни фондации меѓу кои и неговата фондација за настрадани од изгореници, која ја отвори во 1984 година кога и самиот доживеа инцидент за време на снимањето на реклама за Пепси, кога се здоби со изгореници на главата од втор и трет степен.

 

Токму во неодамна објавената книга за Џексон од неговите телохранители Бил Витфилд и Џејвон Бирд (Remember The Time: Protecting Michael Jackson In His Last Days), раскажани се повеќе случки во кои музичарот ја покажал неговата хумана страна. Имено, возејќи се низ Лас Вегас, Џексон и телохранителите налетале на двајца бездомници. Џексон веднаш побарал да го запрат автомобилот и низ прозорецот им дал по 300 долари. Кога дознал дека во градот има дел каде што се собираат многу луѓе без дом, веднаш се уптатиле таму и на педесетина луѓе им раздал по 100 долари, притоа маскиран и без никој да забележи кој е дарежливиот човек. Ова е само една од многуте вакви случки на кои Витфилд и Бирд биле сведоци, а неколку извадоци од книгата ќе прочитате во продолжение.

 

Бескрајната и искрена љубов кон неговите фанови…

Иако многумина претпоставуваат дека познатите ѕвезди не им обрнуваат доволно внимание на своите фанови, телохранителите на Џексон го тврдат сосема спротивното. Додека живеел во Лас Вегас, бројни фанови доаѓале да седат пред неговата куќа, а што е уште поинтересно, пејачот лично се познавал со голем дел од нив, се сеќавал точно кога и како се запознале, а и редовно контактирал со нив, дури и секогаш кога излегувал од дома, застанувал да поразговара со некои од нив. Иако фановите биле примерни и не правеле врева, тоа не им се допаѓало на соседите кои редовно викале полиција за да ги избрка. Но Џексон се лутел ако некој е груб со неговите фанови, па некако успеал да среди со надлежните и полицијата повеќе не доаѓала: „Оставете ги да седат, тие само сакаат да бидат близу до мене“, велел Мајкл во одбрана на фановите.

Покрај редовните посетители кои со часови седеле пред неговата куќа, милиони ширум светот испраќале писма и подароци, а според тоа што го кажуваат телохранителите, Џексон ги читал сите до едно: „Обично излегувавме да се возиме, понекогаш и по 3-4 часа, а тој седнуваше на задното седиште со огромен куп писма. Секогаш бараше да слуша класична музика и додека го слушаше Моцарт, Чајковски или Дебиси, ги читаше сите писма и ги подредуваше во два дела; едниот дел што сака да го задржи, другите ги фрлаше во ѓубре…. Имаше и цела просторија со рачно изработени подароци од фановите, а писмата и фотографиите беа излепени на ѕидовите.“

„Нема да наплаќам за користење на мојата музика…“

Иако денеска секојдневно се водат долгогодишни судски спорови за користење и на најмал дел од некоја песна, сепак Мајкл не го делел тоа мислење. Витфилд и Бирд во својата книга раскажуваат за една случка: „Му кажавме на г-дин Џексон дека Канје Вест сака да искористи семпл од една песна и го прашавме колку да му наплатиме. Тој рече: ’Не сакам да наплатите за тоа. Нема потреба. Сè додека се користат и најмали делчиња од песните, мојата музика ќе продолжи да живее.’“

Кој/што го уби Мајкл Џексон?

На 25 јуни 2009 година, по неколку обиди да се врати во живот, Мајкл Џексон беше прогласен за мртов. Според аутопсијата, како причина за смртта беше наведена фатална доза на анестетикот „Пропофол“, кој инаку не смее да се дава во домашни услови и се користи при операции кога пациентот не треба да биде свесен. Тогашниот личен доктор на Џексон, д-р Бил Мари беше осуден на 4 години затвор за убиство без предумисла. Непосредно по смртта, медиумите пренесуваа приказни дека Џексон долго време користел разни седативи за да ја совлада несоницата и да се подготви за несудената турнеја „This Is It“ во чии рамки беа закажани и распродадени 50 концерти во Лондон.

Како што раскажуваат телохранителите на Џексон, медиумите секогаш биле многу далеку од вистината, односно од тоа што се случувало со него, барем во последните неколку години во кои, покрај децата, тие двајцата му биле најблиското нешто до семејство: „И пред да работам за него, никогаш не верував во сето тоа што го пишуваа за него. А кога го запознав видов дека сум бил во право“, вели Витфилд.

 „Мајкл Џексон не беше само човек, беше империја. И покрај тоа што секојдневно милиони долари се влеваа во неговата сметка, двојно повеќе веднаш одеа да ги подмират долговите, судските спорови… Обвиненија стигнуваа секој ден.“ Иако во почетните години од неговата соло кариера, Мајкл имал одличен тим околу себе кој се грижел за сите споредни работи, сепак од 1993 година, кога стигна првото обвинение за злоупотреба на малолетник, околу музичарот се собрала група на „човекојадци“. Секој сакал дел од илјадниците милиони на име Мајкл Џексон: „Претставници, адвокати, публицисти… сите наплаќаа и по 600 долари од час… Беше толку конфузно што никогаш не знаевме кој е главен. Секогаш ни велеа јавете се кај овој, јавете се кај оној, тој ќе го среди тоа…“, вели Витфилд објаснувајќи дека заради лошиот менаџмент ни тој ни Бирд одреден период не добивале плата бидејќи не знаеле каде да се обратат.

„Сакајќи да извлечат што повеќе пари, адвокатите го советуваа да се спогоди со тужителите на кои им исплаќаше милионски суми. Кога сите дознаа дека е лесно да се извлечат пари од него, обвиненија пристигнуваа за сè и сешто“, вели телохранителот, кој не е далеку од вистината со оглед на тоа што и по смртта, сè уште пристигнуваат обвиненија и барања до имотот на Џексон да исплати милионски оштети (и во 2013 и во мај годинава пристигнаа уште две обвиненија за злоупотреба на малолетници, а неодамна и обвинение од фан дека во првиот постхумен албум на 3 песни недоволно се слушал гласот на Мајкл).

Подготвувајќи ја несудената последна турнеја во Лондон, која ќе им ги наполнеше џебовите на сите „оштетени“ на каква било основа, Џексон го ангажирал д-р Мари, кој според телохранителите, претходно доаѓал само неколку пати и тоа за децата, а не останувал подолго од час и половина. Со тоа тие ги демантираат медиумите кои пренесуваа дека пејачот бил постојано под дејства на лекарства: „Со оглед на тоа што велат дека за таквите седативи е потребен повеќечасовен надзор, сигурен сум дека д-р Мари не доаѓал за тоа. Иако не бев внатре во куќата, јас бев тој што прави претрес, ги пречекува и испраќа сите кои доаѓаа таму. Д-р Мари дојде само 3-4 пати, најчесто заради настинки на децата и никогаш не остана повеќе од час или час и половина. Ако навистина му препишувал такви лекарства, тогаш ќе останел подолго“, вели Витфилд.

„Сега ќе ја видиш грдотијата во луѓето… сега ќе ги видиш човекојадците…“

Кога започнале подготовките за турнејата, дошло до уште поголеми забуни во менаџментот – дури тројца истовремено се претставувале како менаџери на Џексон, потпишувајќи три различни договори за турнеи, меѓу кои и една заедничка со браќата, како повторен собир на Џексон 5, што придонело за уште повеќе обвиненија и секако повеќе милионски оштети. Присетувајќи се на поранешен разговор, Витфилд вели: „Уште пред да стане збор за повратничката турнеја, се сеќавам кога со лифтот слегувавме во студиото во еден хотел во Вегас, кога г-дин Џексон работеше на нови материјали со Ејкон и Вил Ај Ем. Јас сè уште не бев информиран за плановите, но се сеќавам на неговиот израз на лицето, како да се подготвуваше за нешто непријатно и ми рече: ’Сега ќе ја видиш грдотијата во луѓето… Сега кога ’човекојадците’ ќе почнат да доаѓаат од сите страни…’ Тогаш не ми беше јасно што сака да каже, но подоцна сфатив на што мислел…“

„Првиот пат кога ’почина’, јас бев со него…“

Доказ за лажните приказни кои се ширеа за Џексон се и бројните вести за неговата смрт: „Кога прв пат слушнав на радио дека починал, тој беше во автомобилот со мене. Се возевме низ Вегас кога некој рече: ’Вонредни вести, само што дознавме дека Мајкл Џексон починал…’ Се завртив и го прашав дали слушна, а тој низ смеа ми одговори: ’Не грижи се, не им е прв пат…’“.

Цената која Мајкл Џексон ја плати за сите тие обвиненија и лажни приказни беше навистина фатална… Бројни непреспиени ноќи, затворен во студио или во купиштата книги кои секојдневно ги читал… Но, тоа што никој не го знаел и што било можеби најболно за него се лажните пријателства. По озлогласеното судење во 2005 година и второто обвинение за злоупотреба на малолетник, Џексон остана заборавен од сите „блиски“ пријатели, кои по смртта тврдеа дека се дружеле и соработувале: „Ниту еден од сите повици и пораки кои пристигнуваа во тие години додека работев за него, ниту еден од тие ’пријатели’ не се јави барем да праша како е. Сите бараа само да се уплатат толку и толку милиони, овде должи толку, овде треба да се плати толку….“, вели Витфилд, додавајќи дека односот со семејството бил уште почуден: „Освен мајка му Кетрин, која можеше да се јави и да дојде во секое време, ниту еден член од семејството не смееше да дојде без да има закажан состанок. Дури и кога ќе дојдеа, не ги примаше дома, туку во нашата приколка каде што беше поставена сета опрема за надгледување и каде што ние го минувавме работното време. Првин се чудев зошто имаат таков однос, но подоцна ми стана јасно…“, додава тој раскажувајќи за повеќе случки кога неговите браќа доаѓале со закани дека ќе ги викнат папараците ако не им ги плати парите што им ги „должи“.

Кога Џексон навистина почина, последниот човек кој му паднал на памет на Витфилд бил д-р Мари: „Кога сфатив дека оваа вест е точна, почнав да размислувам за сите можни сценарија што би се случиле ако бев таму со него… Но, за што и да размислував, не ни помислив на д-р Мари. Пропофол?! Прв пат слушам за тоа! Никогаш не користел такви средства за спиење, а тоа го знаевме затоа што никогаш не спиеше“, вели телохранителот кој претходно во книгата има опишано разни ситуации кога го слушале додека пее до доцна навечер или ги проверува вратите дали се заклучени во 3 или 4 наутро.

Во прилог погледнете што велат телохранителите на Џексон во неодамнешно интервју во кое зборуваат и за мистериозните девојки на легендарниот пејач кои ги именуваат како „Пријател (Friend)“ и „Цвеќе (Flower)“, со кои тајно се состанувал во неколку наврати.

 

По трагичната смрт, семејството организираше комеморација во Лос Анџелес, но како што велат телохранителите, тоа беше само холивудски настан, место да се оди и да се биде виден: „Не сакав да одам, бидејќи знаев дека никој од присутните не е дојден од вистинската причина… Уште кога видов дека и сестрите Кардашијан се таму…“, вели Витфилд, додавајќи: „Ги видов сите тие познати личности и ги слушав како раскажуваа дека пред година дена пиеле пиво или не знам што… малку ми недостасуваше да станам и да им викнам: НЕ, не бевте таму! Никаде ги немаше додека беше жив, а сега за 5 минути внимание кажуваат безброј лаги…“

„Сега кога ќе се потсетам на тоа време… не сакам да верувам дека е мртов. Мислам дека само си замина. Го напушти овој одвратен живот во кој ја немаше слободата што ја имаме јас и ти. Никогаш немаше да ја има. Ќе живееше живот опкружен со човекојадци, секогаш во придружба на телохранители кои го следат секој негов чекор… Никогаш немаше да има мир… Барем сега има мир…“, заклучуваат неговите верни телохранители кои се горди што имаа чест да бидат дел од животот на обичниот човек и татко на 3 деца, г-дин Џексон.

„Кралот на поп музиката“ продолжува да живее…

 По смртта на Џексон, во 2010 година беше објавен првиот постхумен албум насловен едноставно „Michael“, на кој се најдоа соработки со Ејкон, Фифти Сент, Лени Кравиц и други, но како и сè што е поврзано со него, така и албумот беше проследен со контроверзии и тврдења дека некои песни ги отпеал некој друг, а не Мајкл. За вториот постхумен албум, неодамна објавеното издание „Xscape“, главниот човек на Епик Рекордс, Ел Еј Рид собра тим од продуценти предводени од Тимбаленд, кои беа задолжени да ги „исчистат“ и „осовременат“ демо снимките на 8 претходно необјавени песни. Албумот дебитираше на 2 место во САД и 1 место во Велика Британија, а и по пет недели од објавувањето сè уште е меѓу најдобрите 10 на сите листи ширум светот.

Со сингловите како што се „Love Never Felt So Good“ и „Slave To The Rhythm“, Џексон и постхумно продолжи да ги освојува врвовите на музичките сингл листи, а уште еднаш влезе во историјата и со „холограмскиот“ настап на Билбордовите Музички Награди 2014. Ова само дополнително придонесе за статусот на мртва личност со најголема заработка, полнејќи ги џебовите на сите „човекојадци“ кои го опкружуваа и до последниот ден од неговиот живот.

 

Како што пренесува Хафингтон Пост, по смртта на Џексон, неговиот имот (Michael Jackson Estate) заработил преку 600 милиони долари во изминативе пет години. Дел од нив одат за издржување на неговите три деца и мајка му, но според анализите на Асошиејтед Прес, најголемиот дел ги покри огромните долгови кои , меѓу другото, ги имаше и за неговиот некогашен дом, ранчот „Недојдија“: „Повеќе од 91 милион долари се потрошени за даноци и дозволи, над 25 милиони за компензација со имотните извршители, долгогодишниот адвокат на Џексон, Џон Бранка и музичкиот извршител Џон Меклејн, кој добива процент од годишната заработка на имотот. Потоа, повеќе од 17 милиони за адвокатите кои ги претставуваат имотот, Кетрин и децата и приближно 4 милиони долари за соодветно архивирање на личната сопственост и необјавената музика на Џексон“, пишува Хафингтон Пост.

Трите деца на Џексон, Принс (17), Парис (16) и Бланкет (12) заедно со баба им Кетрин живеат во елитниот Калабасас, место каде што живее и семејството Кардашијан, Бритни Спирс и многу други познати личности. Имотот на Џексон плаќа за нивно приватно школување, професионален готвач, приватно обезбедување и семејни одмори, обезбедувајќи им ја стабилноста која нивниот татко се трудеше да им ја даде: „За Мајкл секогаш приоритет беа неговите деца, а не богатството или славата“, вели Том Месеро, адвокатот кој успешно го одбрани Џексон во случајот за злоупотреба на малолетник и сè уште е во контакт со неговото семејство: „Сакаше да го имаат најдоброто можно образование.“

Иако можеби живеат постабилен живот без него, децата на Џексон често се наоѓаат на насловните страници во медиумите. Минатата година во месец јуни, Парис Џексон се обидела да се самоубие пресекувајќи ги вените на двете раце, но за среќа била навреме спасена од трагична смрт. Мајката на Принс и Парис, Деби Роу, која своевремено му беше и сопруга на Џексон, по неговата смрт побара целосно старателство над сите три деца, а по инцидентот Парис почесто поминува време со мајка си. Имајќи неповторлив уметник за татко, трите деца ја продолжија неговата хумана мисија, но имаат и желба за јавна професија.

„Сакаме да ја одржиме во живот легендата за татко ми“, изјави Принс во неодамнешно интервју по повод 5 години од смртта на Џексон: „Тој беше најдобриот татко што некој може да го има. Нè воспита на правилен начин и ништо не може да нè натера да го заборавиме. Тој секогаш беше загрижен за човештвото, им помогна на многу хуманитарни организации. Во неговите песни неговата порака беше едноставна – љубов. Ние ќе продолжиме да ја шириме неговата порака“, заклучи Принс, кој сака да биде режисер, но да успее по свои заслуги, а не поради славниот татко, додека сестра му Парис има желба да биде актерка.

Што ќе донесе иднината за децата на „Кралот на поп музиката“, ќе видиме со текот на времето. Но, едно е сигурно – музиката на Мајкл Џексон ќе продолжи да живее и да биде пример од кој ќе учат многу генерации на музичари.

 

Подготви: Ивона Јанкова

Цитати од книгата „Remeber The Time: Protecting Michael Jackson In His Final Days“ од Бил Витфилд, Џејвон Бирд и Танер Колби

 



Врати се горе ↑