Настани

17 мај, 2019

И официјално, Мадона ќе пее во финалето на „Евровизија 2019“

Двете полуфинални вечери се завршени, веќе ги имаме сите 26 финалисти за големото финале на „Евровизија 2019“ што ќе се одржи в сабота, меѓу кои (конечно) сме и ние, а после речиси месец дена од првичната најава, вчера и официјално беше потврден настапот на светски познатата музичка ѕвезда Мадона. Како што беше предвидено, 60-годишната дива ќе се претстави со две песни, и тоа со еден од нејзините најпознати хитови „Like A Prayer“, по повод 30-годишнината од објавувањето на истоимениот албум, како и со еден сосема нов сингл од претстојното издание „Madame X“ – темата насловена „Future“ со американскиот рапер Куејво, што воедно ќе биде и светска премиера, а вие премиерно можете да го слушнете во продолжение:

 

Меѓу изведувачите што ќе настапат во ревијалниот дел од финалето се минатогодишната победничка Нета со новиот сингл Nana Banana и евровизиските ѕвезди Монс Зелмерлоу, Кончита Вурст, Елени Фуреира и Верка Сердучка, кои меѓусебно ќе си ги отпеат победничките и второпласираните хитови. Уште еднаш ќе ја видиме и Дана Интернејшнал, која ќе ја отвори вечерта заедно со колегите Надав Геџ (Израел, 2015) и првата израелска претставничка од 1973 година – Иланит, како и другите два израелски победници од 1978 и 1979 – Изар Коен и Гали Атари. Свој настап ќе има познатиот израелски музичар Идан Рејчел, а на сцената ќе ја видиме и ѕвездата на блокбастерот „Чудесна жена“ (Wonderwoman) – израелската мисица, манекенка и актерка Гал Гадот.

 

И, секако, најважниот дел од вечерта е токму натпреварувачкиот. Откако беа одбрани по десет финалисти од двете полуфинални вечер, останува уште да биде утврден редоследот на настапи. Со влечењето жрепка на прес-конференцијата после полуфиналињата, Тамара ќе настапи во првата половина од вечерта. Веднаш со работа се зафатија и обложувалниците, кои сега имаат доста помал избор на земји, но ситуацијата и понатаму е речиси непроменета, односно сè уште најголем фаворит е Холандија. Дали следната година фестивалот ќе се сели во Амстердам, ќе дознаме утревечер.



Врати се горе ↑