Балкан

27 декември, 2018

И Лозано на МАС 2019 во Белград

И Влатко Лозаноски го потврди своето присуство на првото доделување на регионалните музички награди МАС 2019 (Music Awards Ceremony), кое ќе се одржи на 29 јануари во арената „Штарк“ во Белград. На оваа манифестација што ја организира продукциската куќа „Скајмјузик“, ќе настапат и нашите ДНК и Каролина Гочева, а од регионалните ѕвезди ќе ги видиме и Бајага, Сергеј Четковиќ, Петар Грашо, Жељко Јоксимовиќ, „Ван Гог“ и други.

Учеството на овој настан за Лозано доаѓа во вистинското време, бидејќи пејачот токму периодов го промовира својот долгоочекуван, трет по ред студиски албум „Десет“, насловен симболично по бројот на години со кои е присутен на македонската сцена. Кичевскиот славеј на него ги смести и велигденската химна  „Километри“, летниот хит Јако, јако и актуелната „Надеж“, а како круна на сето тоа се надеваме дека наскоро ќе се одржи и планираниот славенички концерт.

Само за потсетување, првиот, иницијален избор на нумери и изведувачи за MAC признанијата ќе го направат 220 радиостаници од Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора, раководејќи се од свои релевантни параметри на слушаност и популарност на песните и изведувачите. На тој начин ќе им се даде важност на мислењата на слушателите, но публиката ќе има и дополнителна можност да гласа за своите фаворити, што, исто така, ќе се земе предвид во конечните одлуки за победниците на категориите.

MAC ќе биде врвот на досегашната работа на продукциската куќа „Скајмјузик“ (Skymusic), која зад себе има дводецениско искуство во техничката продукција на најголемите регионални музички настани. Манифестацијата директно ќе ја пренесуваат телевизии со национална фреквенција од регионот, а најновите информации за MAC можете да ги следите преку интернет-страницата www.musicawardsceremony.com, како и на на Фејсбук и Инстаграм.



Врати се горе ↑