Балкан

24 декември, 2018

И Каролина со настап на МАС 2019 во Белград

Секојдневно се зголемува списокот со изведувачи на првото доделување на регионалните музички награди МАС (Music Awards Ceremony), кое ќе се одржи на 29 јануари во арената „Штарк“ во Белград, а покрај ДНК, од македонските изведувачи ќе ја видиме и Каролина Гочева! Пејачката ја сподели веста на социјалните мрежи, велејќи дека ѝ е чест и задоволство што ќе настапи на оваа манифестација каде што ќе може да се слушне дел од најдобрата музика што ја нуди регионов.

Настапот на МАС 2019 доаѓа како загревање за претстојните концерти со оркестарот на Македонската филхармонија, кои се закажани за 15 и 16 февруари.

Меѓу досега потврдените изведувачи на ова доделување се и Бајага, Сергеј Четковиќ, Жељко Јоксимовиќ и Петар Грашо, а повеќе имиња се очекуваат наскоро. Само за потсетување, првиот, иницијален избор на нумери и изведувачи за MAC признанијата ќе го направат 220 радиостаници од Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора, раководејќи се од свои релевантни параметри на слушаност и популарност на песните и изведувачите. На тој начин ќе им се даде важност на мислењата на слушателите, но публиката ќе има и дополнителна можност да гласа за своите фаворити, што, исто така, ќе се земе предвид во конечните одлуки за победниците на категориите.

MAC ќе биде врвот на досегашната работа на продукциската куќа „Скајмјузик“ (Skymusic), која зад себе има дводецениско искуство во техничката продукција на најголемите регионални музички настани. Манифестацијата директно ќе ја пренесуваат телевизии со национална фреквенција од регионот, а најновите информации за MAC можете да ги следите преку интернет-страницата www.musicawardsceremony.com, како и на на Фејсбук и Инстаграм.



Врати се горе ↑