Настани 388684_360020574117902_1637131684_n

3 јуни, 2013

И Канго на „Т’к так фест‏“

Наместо во 21 како што беше првично најавено, второто издание на „Т’к так фест“, кое во петок и сабота, 7 и 8 јуни, ќе се оддржи во Кавадарци ќе започне во 20 часот. Ваквата промена се должи пред сè поради големиот број на бендови кои и оваа година ќе бидат дел од фестивалот, како и на барање на повозрасната публика која поради работната сабота би пропуштиле за нив важен дел од програмата доколку фестивалот стартува по првично закажаниот термин.

Сепак, и покрај поместувањето на терминот, забавата и на двете фестивалски вечери сигурно нема да заврши пред полноќ бидејќи програмата ќе понуди доста атрактивни гости кои со своите настапи повторно ќе ја вратат рокенрол магијата на македонското небо. А меѓу веќе најавените „Камелеон“, „Тоа е тоа“, „БТ Топ“, Сале и „С.Р.В. бенд“, пред големиот концерт на „Токму така“, ќе го видиме и еден од најголемите македонски рокери, Канго, кој заедно со својот бенд ќе допатува во Кавадарци.

Канго ќе нè дружи и во втората фестивалска вечер, и тоа повторно како водител на натпреварувачкиот дел во кој годинава ќе настапат „Ептен“, „Најт рајд“, „Смоук шејкерс“, „Пи-ем бенд“, „Рок банда“, Тони и „Аутор“. Пред нив свој настап ќе имаат Ди Митров, Мелов и диџеј Були, во периодот на прогласување на победниците ќе уживаме во настапот на бендот „Визија“, за потоа кривопаланчаните „Вертиго“ да ни го најават големиот концерт на ѕвездите на вечерта, македонската рок атракција „Ареа“.

Стадионот при спортскиот центар „Јасмин“ годинава ќе биде домаќин на македонските почитувачи на рокенрол музиката, кои и годинава ќе имаат можност за кампување во посебно организран кампинг простор кој ќе се наоѓа во рамките на самиот стадион. За крај, потсетување дека влезот за второто издание на „Т’к так фест“ на голема радост на сите љубители на рок музиката ќе биде слободен.



Врати се горе ↑