Балкан

24 јануари, 2019

И годинава „Беовизија“ и „Монтевизија“ за „Евровизија 2019“

По пауза од девет години, Србија лани одлучи да го возобнови фестивалот „Беовизија“, чии победници Сања Илиќ и „Балканика“ беа избрани да ја претставуваат земјата на „Евровизија 2018“ во Лисабон, додека баладата „Иње“ на Вања Радовановиќ триумфираше на „Монтевизија“, црногорскиот национален избор што исто така беше возобновен лани, по пауза од 12 години.

Двете земји ја продолжуваат традицијата и годинава, па така на 9 февруари ќе го дознаеме претставникот на Црна Гора, а на 3 март на Србија. Слично како минатата година, на „Монтевизија“ ќе се натпреваруваат само пет песни, а ќе ги изведуваат „Д-мол“, Андреа Демировиќ, Моника Кнезовиќ, Ивана Поповиќ-Мартиновиќ и Нина Петковиќ. За победникот ќе одлучат гласовите на публиката и на петчленото стручно жири, а настанот ќе се емитува во живо на РТЦГ и онлајн.

Montevizija 2019

На годинашната „Беовизија“, пак, каде што своевремено победи и нашиот Тоше со хитот „Чија си“, ќе се натпреваруваат 24 композиции одбрани од вкупно 76-те што пристигнаа на конкурсот на РТС. Меѓу изведувачите се претежно млади поп-ѕвезди од српската сцена, како што е Тамара Милановиќ од „Х фактор“, Невена Божовиќ и Сашка Јанковиќ, како и Џенан Лончаревиќ, Иван Куртиќ, „Освајачи“ и други.

Минатогодишниот избор понуди навистина одличен избор на песни, а особен впечаток остави и самото отворање на фестивалот со импресивната изведба на Хорот на РТС на победничката „Молитва од Марија Шерифовиќ. Што ќе понудат годинава ќе дознаеме во рамките на двете полуфинални вечери закажани за 27 и 28 февруари, како и на финалето на 3 март.

За нашата земја познато е само дека го потврди своето учество во Тел Авив, а повеќе детали околу изборот на македонскиот претставник на „Евровизија 2019“ се очекуваат наскоро.



Врати се горе ↑