Свет mj-fm

29 мај, 2014

И Фреди Меркјури ќе „оживее“ како Мајкл Џексон?

По неодамнешниот „магичен настап“ на Мајкл Џексон на Билбордовите музички награди, во сличен стил ќе се врати и легендарниот Фреди Меркјури, кој ќе објави албум „од задгробниот живот“, пренесува британскиот магазин Metro. Фронтменот на Квин, кој на 45-годишна возраст почина од СИДА во 1991 година, ќе може да се слушне во новите песни на бендот во кои неговиот глас ќе биде дигитално обработен. Гитаристот Брајан Меј и колегата Роџер Тејлор преработиле демо снимки од осумдесеттите години кои го вклучуваат гласот на Мерјкури и ги осовремениле со нова инструментација.

Тоа е многу емоционално. Тоа се големи балади со епски звук“, изјавил Меј за звукот на новиот албум, кој наводно ќе го носи насловот „Queen Forever“. „Моравме да почнеме од почеток бидејќи имавме само трошки. Но, знаејќи како би било ако ги довршевме, можам да седнам и да го направам тоа возможно со помош на модерната технологија“, изјавил тој за Би-би-си Радио Велс. Изданието би можело да се појави околу Божиќните празници.

Во меѓувреме, тапанарот Тејлор дискутирал како ги откриле заборавените песни кои Меркјури ги снимил со Мајкл Џексон, чиј втор постхумен албум, неодамна објавеното издание „Xscape“ го достигна врвот на албумската листа во Велика Британија: „Брајан особено активно работеше на неколку теми кои Фреди ги сними со Мајкл Џексон“, изјавил Тејлор за магазинот „Класик рок: „Тие само седеа така со години и менаџментот на Мајкл не беше во можност да одлучи што да прави со нив. Па така им предложивме да ги довршиме ние. Навистина се добри, а една од нив е одлична“, открил тој, но не е познато дали песните ќе се најдат на претстојниот албум.

 Но, тоа не е сè…

И пет години по смртта, Џексон повторно „светна“ како знакот на доларот во очите на концертните промотори. Настапот на дигитално рекреираниот Крал на поп музиката кој танцуваше и го изведе познатиот чекор „moonwalk“, можеби нема да биде единствениот кој ќе го видиме „да запее“ постхумно, пренесува британски „Телеграф“. Оваа мошне реална илузија е овозможена благодарение на напредната технологија на човечка анимација, визуелни ефекти и фацијално моделирање, комбинирано со техники кои ги смислиле магионичари во XIX век.

Имено, по оваа историска изведба, која воедно беше тест за да се види како ќе реагира публиката, во план се и многу други постхумни изведби, дури и турнеи: „Бројни менаџменти на наследството на музички икони контактираа со нас и се заинтересирани за организирање на концерти користејќи ја оваа технологија“, изјавил Џон Текстор, главниот човек на „Пулс еволушн“, компанијата за дигитални ефекти која го овозможи „настапот“ на Џексон.

Тој не сакал да открие за кои славни личности станува збор, но музичката индустрија веќе на големо шпекулира дека тоа би биле Френк Синатра и Елвис Пресли. Потенцијалот за нивно „враќање“ е навистина голем. Се проценува дека двегодишна турнеја на дигиталниот Мајкл Џексон би собрала половина милијарда долари. Како предзнак дека навистина се подготвува турнеја е и изјавата на неговиот брат, 59-годишниот Џермејн, кој рекол дека работи на нова музика заедно со браќата од некогашната група „Џексон 5“.

Марк Рослер, основачот на „Си-ем-џи ворлдвајд“ (CMG Worldwide), кој е претставник на покојните славни личности како што се Мерилин Монро и Џејмс Дин, изјавил дека неговата компанија исто така е во преговори за неколку слични проекти кои вклучуваат подготовка на шоу во Лас Вегас и Лондон и во кои ќе се појави холограм на Бети Пејџ, позната како Кралицата на пинап. „Ова е навистина неверојатно време“, рекол тој, додавајќи: „Разговараме за враќање во живот на некои од најголемите личности кои сме ги знаеле, луѓе кои имале огромно влијание во светот.“

Технолошките трикови и холограмите сè почесто се користат за да ги воскреснат починатите ѕвезди во филмови и реклами, додека компјутерски генерираните фотографии се користени за да го дополнат снимањето во случај на смрт на актерот за време на продукцијата. Првиот кој „воскресна“ на сцената на фестивалот „Коачела“ во 2012 година беше легендарниот рапер Тупак, а како изгледаше сето тоа можете да се потсетите во продолжение.

Но, новата технологија која ја подигна на нозе публиката за време на витруелниот настап на Џексон, претставува основа за иднината на „настапите во живо“ на бројни личности кои одамна не се со нас. И покрај тоа за што овој настап беше искористен терминот холограм, таа техника всушност не вклучува холографија, која користи проекции на светло за да креира појава на тридимензионална слика на дводимензионална површина.

Наместо тоа, тимот на „Пулс“ пред осум месеци започна со компјутерски генерирана верзија на Џексон од околу 1991 година која потоа претрпи доста долг процес на анимација. Експертите за фацијално моделирање работеле со поранешни соработници на Џексон, вклучувајќи ги и кореографите кои оделе на турнеја со него, за да ја развијат сличноста, да напишат компутерски код кој ќе ги реплицира неговата коса, кожа и фацијални експресии. Тие биле детални до тој степен што дури ги вклучиле и лигаментите на неговиот врат додека пеел.

За овој четириминутен настап, шест проектори со висока моќност биле закачени над сцената за да ја насочуваат снимката со голема резолуција од виртуелниот Мајкл врз накосено парче безбојна рефлектирачка пластика. Оттаму, видеото отскокнувало од површината кон публиката, давајќи впечаток дека Џексон е на сцената пред нив. Оваа техника е извлечена од стар магионичарски трик наречен „духот на Пепер (Pepper’s ghost)“ во кој се користеле стакло и специјални светла за да одразуваат слики чиј извор бил скриен за гледачите.

Илузијата на Џексон на Билбордовите награди беше засилена со пет танчери на сцена кои поминуваа пред и зад пејачот, комплетирајќи го спектаклот од чад и огледала: „Многу е важно да се доживее Мајкл Џексон пред публика во живо“, изјавил Џон Бранка, извршителот на неговото наследство кој ја овласти дигиталната илузија: „Сакавме изведба во живо пред жива публика“. 

Џексон веќе извесно време е мртва славна личност со наjголема заработка која изнесува 160 милиони долари, според последните проценки на „Форбс“.

Овој настап e уште еден доказ за неговиот статус на глобална икона која сè уште привлекува милиони фанови; 10,5 милиони гледачи го проследиле овој историски настан што за телевизијата која го емитуваше е највисок рејтинг во последните 13 години. Веднаш потоа започна и лудилото на социјалните мрежи, дел од нив се пожалиле дека било „морничаво“, но сепак приемот кај публиката бил генерално добар.

„Кога го видов сето тоа, навистина ми предизвика морници, изгледаше толку реално“, изјавил Френк Патерсон, извршниот директор на „Пулс“: „Работевме со луѓе кои многу добро го познаваа Мајкл, со неговото семејство и пријателите, и кога тие заплакаа знаевме дека го направивме како што треба. И тогаш сите почнавме да плачеме.“

Тие не беа единствените кои беа трогнати таа вечер. Повеќе од 20 ѕвезди настапија на доделувањето на Билбордовите награди, но Џексон беше тој кој успеа да ја подигне публиката на нозе. Соодветно, настапот ја вклучуваше и песната „Slave To The Rhythm“ од неговиот постхумен албум „Xscape“, кој содржи осум претходно необјавени теми, но преработени и модернизирани од тим на продуценти предводени од познатиот Тимбаленд.

Очигледно Мајкл бил во право кога непосредно пред смртта (наводно) изјавил дека повеќе вреди мртов отколку жив…

И.Ј.



Врати се горе ↑