Македонија

3 ноември, 2016

И БиХ ја забрани својата музика во Македонија

Уште едно продолжение во серијата забрани за емитување музика доаѓа од Босна и Херцеговина, која после Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија, реши дека во Македонија нема да се слуша музиката од нивниот репертоар.

Ве известуваме дека на седница на Собранието на организацијата АМУС е одлучено да се забрани користење на нивниот музички репертоар на сите радио и телевизиски станици на територија на Република Македонија. Согласно известувањето оваа забрана стапува на сила веднаш. ЗАМП Македонија, како организација која е овластена да ги превземе сите потребни мерки за спроведување на забраната и заштитата на правата на членовите на АМУС, а врз основа на склучените мегусебни договори за реципроцитет, Ве известува дека забраната почнува од 04.11.2016 година“, пишува на веб страната на ЗАМП, каде што се приложени и официјалните документи испратени од АМУС (линк 1 и линк 2).

Откако министерството за култура соопшти дека ја укинува забраната за емитување музика, ЗАМП реагираше дека „само авторите кои ја донесоа забраната можат и да ја отповикаат“, а денеска беше објавена уште една реакција, во која се наведува дека „авторите во ЗАМП уште чекаат одговори од министерството за култура“.

„Авторите од ЗАМП го поздравуваат известувањето од Министерството за култура во врска со јавното соопштение на Здружението од 02.11.2016 г. во кое се тврди дека ’истиот ден на доставување на решението до ЗАМП, паралелно била поведена и постапка пред надлежниот суд за оценка на законитоста на актот’ и дека ’Правната неоснованост на овој акт, може да ја цени само надлежниот суд’. Тоа одамна го бара ЗАМП. Затоа што сега станува јасно оти сè додека судот не донесе правосилна одлука или додека авторите сами не ја стават вон сила забраната за јавно емитување музика, никој нема право да прејудицира своеволни заклучоци.

Меѓутоа, Министерството за култура им остана должно да им одговори на авторите од ЗАМП на многу суштествените прашања:

– Зошто не даде мислење во врска со непостоењето согласност меѓу ЗАМП и СОКОМ МАП за одржувањето на системот за електронска евиденција, купен со пари на авторите во ЗАМП;

– Зошто не изготви правилник во кој ќе го опфати описот и техничките карактеристики на системот за електронска евиденција;

– Зошто не определи организација која ќе се смета за овластена за прибирање надоместоци за користење на авторски дела;

– Зошто не донесе решение за одземање на дозволата за колективно управување на организацијата СОКОМ МАП, бидејќи во определениот рок таа не објави правилник со тарифа за наплата на авторски надоместоци.

Министерството за култура беше должно да го направи тоа во определените законски рокови (според членовите 135-б, 135-д, 149 ст.5 и 150 ст.5 од Законот за авторското право и сродните права). Сите автори во ЗАМП застануваат зад заложбата на министерството за култура дека ’Република Македонија е правна држава и во таа смисла никој не е над законите, ниту било која институција, ниту поединец, ниту ЗАМП’. Единствено на тој начин може да се приближиме до решение на проблемите и за враќање на музиката во медиумите. За наша музика, за светска музика!“, пишува во најновото соопштение на ЗАМП.



Врати се горе ↑