11 февруари, 2015

И Австралија ќе се натпреварува на „Евровизија 2015“!

По минатогодишниот ревијален настап, Австралија годинава за прв пат ќе има можност да се натпреварува на „Евровизија“! Веќе одамна е познато дека Австралијанците се големи љубители на овој натпревар, па по повод јубилејот од 60 години, организаторите решија да ја поканат и земјата на кенгурите, со што бројот на земји учеснички се заокружува на 40.

Имено, австралискиот сервис „Ес-би-ес“, кој веќе триесетина години го емитува натпреварот, годинава ќе испрати свој претставник во Виена, кој ќе се натпреварува директно во финале, заедно со претставниците на домаќинот Австрија и т.н. „голема петка“. Со оглед на тоа што ова е еднократно учество по повод јубилејот од 60 години, дури и да победи, Австралија нема да може да биде домаќин на следното издание, но ќе ѝ биде дозволено да учествува.

Што се однесува на гласањето, и покрај временските разлики, односно фактот што финалето во сабота навечер кај нас е недела наутро во Австралија, се разгледува можноста и за телефонско гласање во двете полуфинални вечери, така што поените би биле збир од гласовите на професионалното жири и публиката во однос 50 : 50. Знаејќи дека во Австралија живеат мошне голем број Македонци, се надеваме дека ќе останат будни до раните утрински часови и дека ќе гласаат за нашиот Даниел!

 



Врати се горе ↑