Концерт 10291190_712054312169040_5266612610239804366_n

19 мај, 2014

Хуманитарен концерт за настраданите од поплавите во Србија и БиХ

Деновиве сме сведоци на една од најголемите природни катастрофи кои се случиле во последните 120 години на Балканот. Поради големите поплави илјадници останаа без своите домови. Најпогодени се делови од источна Хрватска, поголемиот дел од Босна и Херцеговина, како и голем дел од Србија. Македонците уште еднаш докажаа дека се хуман народ и безрезервно им помагаат на своите соседи, а со хуман гест со приклучуваат и музичарите.

Авалон Продукција ќе организира голем хуманитарен концерт под мотото „Македонија за нашите браќа и сестри од Србија и Босна и Херцеговина“ на 28 мај (среда) во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Концертот ќе го отвори Кристина Арнаудова, потоа ќе настапат Тони Зен, Ареа, Нокаут, Каролина со проектот „Македонско девојче“, а како последен концертот ќе го затвори Влатко Стефановски со неговото трио. Сите артисти ќе настапат со свои бендови во живо. Почеток на концертот е во 21 часот, а планирано е да трае 180 минути. Хуманитарната акцијата е подржана од СЦ „Борис Трајковски“ кој за овој настан сите свои ресурси ќе ги обезбеди бесплатно, додека за беспрекорен звук, светло и видео ќе се погрижи фирмата „ДВД 5“ со сите свои расположливи елементи.

Во продажба ќе бидат пуштени сите 10 000 влезници по цена од 500,оо денари од 21 мај (среда) преку продажната мрежа на „Купи Карти За Сè“ како и online на www.kupikartizase.com. Мораме да се потрудиме сите 10 000 влезници да бидат распродадени со што би се собрале 5.000.000,oo денари.  На официјалниот Фејсбук профил на Авалон Продукција, секоја вечер од 21 до 28 мај во точно 21 часот ќе биде јавно соопштувана дневната продажба на влезниците за овој химанитарен концерт.

АВАЛОН ПРОДУКЦИЈА УПАТУВА ОТВОРЕНА МОЛБА ДО СИТЕ 3 (ТРИ) МОБИЛНИ ОПЕРАТОРИ: Т – МОБИЛЕ, ОНЕ И ВИП КАКО И ДО СИТЕ НАЦИОНАЛНИ ТЕЛЕВИЗИИ: МТВ, СИТЕЛ, АЛФА, КАНАЛ 5, ТЕЛМА И АЛСАТ М ДА ЗЕМАТ УЧЕСТВО ВО ОВАА КОНЦЕРТНА АКЦИЈА. МОБИЛНИТЕ ОПЕРАТОРИ СО ОТВОРЕНИ ТЕЛЕФОНСКИ ЛИНИИ, А ТЕЛЕВИЗИИТЕ СО ДИРЕКТЕН ПРЕНОС КАКО БИ БИЛЕ ВО МОЖНОСТ ДА ОРГАНИЗИРАМЕ КОЛ ЦЕНТАР КОЈШТО СО ПОМОШ НА ДИРЕКТНИОТ ПРЕНОС БИ ПОМОГНАЛ ДА СЕ СОБЕРАТ МНОГУ ПОВЕЌЕ СРЕДСТВА ОТКОЛКУ ПРОДАЖБАТА НА БИЛЕТИ.“

Сите кои имаат можност и сакаат да донираат за настраданите од поплавите во соседните земји, со вртење на бројот 143 400 (без префикс) на кој било оператор во Македонија (Т-Мobile, One, VIP) ќе донираат 100 денари (+ 18% ДДВ), а вода, храна, облека и хигиенски средства (сите најпотебни работи се наведени во продолжение) можат да се однесат во општинските организации на „Црвен крст“, како и бројните пунктови кои се поставени во повеќе градови ширум Македонија.

Се напоменува дека приоритет се чиста долна облека и чорапи, бидејќи тоа секогаш недостасува. Не е срамота да се дадат носени чорапи, важно е да се чисти и суви. Бебињата не смеат да гладуваат! Кој може да си дозволи, нека купи кашички, формули, млеко во прав, пелени и останати хигиенски производи. Храната по можност да е со подолг рок на траење, конзервирана, во тетрапак и да може да се конзумира без термичка преработка. Од хигиенските средства можете да донирате влажни марамчиња, гел за суво миење на раце, асепсол, тоалетна хартија, пелени за возрасни, влошки и тампони.

Неформални групи за собирање материјална помош за Србија се: За комшиите се работи!Хуманитарна акција!, Молете се за Србија! и Хуманитарна акција за  помош на настраданите од поплавите во Србија (на последниот линк може директно да се испраќа финансиска помош).



Врати се горе ↑