Концерт 1959945_10203286052221649_1643782534809377070_n

20 март, 2015

Хуманитарен концерт на „Мелодиум“ и „Ѕвончиња“ во Битола

Утревечер, 21 март, со почеток од 19.30 часот во Центарот за култура во Битола детскиот хор „Ѕвончиња“ и вокалната група „Мелодиум“ ќе одржат голем хуманитарен концерт по повод  9 годишнината од постоењето на „Ѕвончињата“ и третиот роденден на „Мелодиум“. Невообичаен музички настан во кој ќе се испреплетат звуците на класичната музика, класиците од германската школа, црнечки спиритуали, пропратени со звуците на инструментите кои ќе произлезат од учениците при Музичкото училиште во Битола. Сè на сè, еден голем музички спектакл, кој освен одбележување на годишнина од постоењето на детскиот хор „Ѕвончиња“, ќе ја задржи хуманата димензија како и во минатото.

Музичкиот спектакл под водство на Марина Коруновска, професор по соло пеење во Музичкото училиште во Битола, ќе донесе настап на членовите на хоровите „Ѕвончиња“ 1, 2 и 3, како и вокалната група „Мелодиум“, составена од „израснатите“ ѕвончиња поранешни членови на помалите групи, а сега веќе средношколци и формирани гласови, гудачки квартет и музичка придружба. Секако, на концертот ќе има и изненадувања, кои ќе можат да ги доживеат посетителите во големата сала на Центарот за култура во Битола во сабота, на 21 март со почеток од 19.30 часот.

Детскиот хор „Ѕвончиња“ постои веќе девет години на иницијатива на професорката по соло пеење во битолското музичко училиште, Марина Коруновска. На почетокот започна со  20-тина деца, а денес работат 3 групи Ѕвончиња 1, 2 и 3 поделени според возраста, а поголемите некогашни ѕвончиња, денес средношколци или ученици од повисоките основни одделенија, се дел од „Мелодиум“.

Досега во 3 наврати, ѕвончињата одржале хуманитарни концерти под наслов „Пееме до ѕвездите“. Во духот на хуманата мисија на Тоше Проески, децата со негови песни од овие концерти обезбедија средства за набавка на медицински апарати за болните дечиња во Домот за доенчиња и мали деца во Битола, претходно за инструмент (пијанино) во музичкото училиште и пред 3 години средства за живеалиштето на нилското коњче во битолската зоолошка градина.

Освен по својата хуманост, детскиот хор „Ѕвончиња“ е препознатлив по многуте настапи во земјава и надвор од неа, а во 2013 Во присуство на 700 учесници од сите земји во светот, детскиот хор „Ѕвончиња“ во бугарскиот град Созопол  ја освои 1-вата награда во категоријата на Класична музика, а членката на овој хор Магдалена Кочоска исто така ја освои 1-вата награда во категоријата Естраден вокал.

Извор: Вистина.мк



Врати се горе ↑