Балкан gibonni

11 февруари, 2013

Хрватскиот ЗАМП спонзорира албум на Џибони на англиски јазик

Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) во Хрватска ќе го спонзорира првиот албум на Џибони на англиски јазик. Финансиската поддршка изнесува 150.000 куни, односно нешто помалку од 20.000 евра. Авторскиот албум на Златан Стипишиќ е наменет за меѓународниот пазар. Прогласен е за најдобар на натпреварот отворен од хрватското здружение на композитори.

На распишаниот конкурс пристигнале седум пријави, а стручно жири заклучило дека единствено проектот на Џибони „во целост ги задоволува сите поставени критериуми и со своето уметничко и високопрофесионално претставување на веќе снимениот материјал има најмногу потенцијал да ја претстави хрватската музика на меѓународната сцена“. Албумот на музичарот веќе е во поодмината фаза на реализација, а доделените средства прават една петтина од проектот и со помош на тие пари успешно ќе се доведе до крај.

„Среќен сум што хрватското здружение на композитори го распиша овој натпревар бидејќи тоа е чекор кон светскиот етер со што се менува перцепцијата за нас и им се отвораат врати на нашите композитори. Исклучително сум благодарен и среќен дека здружение составено од луѓе од мојата струка го препозна квалитетот во овој проект во кој вложив многу. Верувам дека ако вакви натпревари постоеја и порано, веќе ќе н` имаше во етерот кај многу западно европски медиуми. Досега, за жал, секој обид за афирмација се сведуваше на индивидуална битка“ – изјавил Џибони кој на новиот албум ќе соработува со продуцентот Енди Рајт.

Хрватското здружение на композитори лани го почна натпреварот „Интернационал“ кој ќе се распишува секоја година. Воедно здружението веќе со години од средствата собрани преку службата на ЗАМП отвора и конкурси за поддршка на независни проекти и музичка креација во сите облици на популарната, односно традиционалната музика како и натпревар за стипендирање млади хрватски композитори.

Извор: Дневник



Врати се горе ↑