13 април, 2013

Хрватскиот состав Бејби Блу дебитира со „Бјежим“

На нашата адреса од Хрватска пристигна интересна содржина. Станува збор за пет млади момци од Загреб собрани под името Бејби Блу (Baby Blue), музичари кои се обидуваат да се афирмираат и пробијат на домашната, но и регионалната музичка сцена. Најголемо влијание врз нивната музика имаат рок бендовите од  осумдесеттите и деведесеттите години, па сè до денес и тежнеат кон модерен, но жесток рок звук. Составот неодамна победи во вториот круг на натпреварот Сонар во организација на Хрватското здружение на композитори, а како награда жирито составено од познати музички имиња како што се Нено Белан, Реми (Елементал) и Мрле (Лет3), им даде одлична препорака кон сите издавачки куќи.

Бејби Блу, кој го сочинуваат Иван Пенезиќ (вокал), Иван Зечиќ (гитара), Адриан Бориќ (тапани), Филип Дериш (бас) и Фран Шокиќ (клавијатура), неодамна дебитираше со нивниот прв сингл насловен „Бјежим“, издаден под етикетата на Croatia Records, која го препозна нивниот потенцијал, а како автори се јавуваат самите членови на бендот. Песната од самиот почеток одлично котира на домашните топ листи, а медиумите ги опишуваат како „млади загрепчани кои ја враќаат надежта на рок сцената“. Иако оформен пред само неколку месеци, овој млад надежен состав звучи одлично, а да се уверите во тоа, погледнете го видео записот за нивиот прв сингл (горе), како и нивната рок верзија на големиот хит „Rolling In The Deep“ од Адел.

 

https://www.facebook.com/babyblue.profil?fref=ts
https://www.facebook.com/pages/Baby-Blue/237665906332421?fref=ts


Врати се горе ↑