7 март, 2018

Хрватската претставничка Франка ја претстави евровизиската песна „Crazy“

Пред неполн месец хрватскиот национален сервис откри дека боите на Хрватска во Лисабон годинава ќе ги брани младата пејачка Франка Бателиќ, која на „Евровизија 2018“ ќе се натпреварува со темата „Crazy“. Со стихови од самата Франка и со музика и аранжман на Бранимир Михаљевиќ и Денис Мевља, песната својата премиера ја имаше вчера, а евровизиските обожаватели веќе прогнозираат успех и влез во финалето.

„Сите го знаете тој вид на љубов. Те удира како гром и не сака да те пушти. Неконвенционална, необична уникатна љубов што ни ги обзема телата и срцата. Сите го знаете тоа чувство кога не сте сигурни дали е реално или само производ на имагинацијата. И тоа е тоа што ја прави љубова толку фантастична, толку извонредна. Можете да се обидете да ја објасните, но вистината е дека нема правила во љубовта, љубовта е прекрасна мистерија“, напиша 25-годишната ѕвезда претставувајќи ја новата песна, а како изгледа и звучи сето тоа дознајте горе.

Инаку, Франка е 24. претставничка на Хрватска, која во натпреварот се вклучи во 1993 година, а паузираше само во 2014 и 2015. Од 23-те досегашни учества, 18 пати се пласирала во финале, а најдобриот резултат со освоено 4. место во финалето го имаше во 1996 (Маја Благдан) и 1999 година (Дорис Драговиќ). Двегодишната пауза следеше по четирите последователни учества без пласман во финале, тренд кој конечно го прекинаа Нина Краљиќ (2016) и Жак Хоудек (2017), а каков успех ќе постигне Франка ќе дознаеме во мај.

Исто како и нашите претставници „Ај кју“, Франка ќе настапи во првата полуфинална вечер на 8 мај, што значи дека македонската публика ќе има можност да ја поддржи за влез во финале. Среќно!



Врати се горе ↑