Концерт

16 мај, 2018

„Хроматик поинт“ вечерва во „Станица 26“

Вечерва, 16 мај 2018, со почеток во 21 часот, во ноќниот клуб „Станица 26“ и во организација на „3 Гонга“, ќе настапи македонскиот инструментален состав „Хроматик поинт“ (Chromatic Point). Оваа музичка група свири инструментален етно-прогресив метал. Членовите на бендот – Душко Ичев на клавијатури, Ален Спасевски на бас-гитара, Христијан Ристески, гитари и Филип Јездиќ на тапани – ветуваат неколкучасовно енергично дружење. Како предгрупа ќе настапи прогресив рок-групата „Јувиги“ (Yuvigi) од Софија.

Бендот е формиран 2010 година и веќе активно работи 8 години. Досега има издадено 3 албуми: „Златен пресек“ во 2012 година, кој е самоиздаден, потоа „Слики од старата куќа“ во 2014 година за „Мајнер рекордс“ (Miner Records) и третиот албум „Изгрев“ од 2016 година, исто така самоиздаден.

 

„На концертот публиката ќе има можност да слушне и види изведба на виртуозна инструментална музика. Ќе бидат опфатени песни од нашите 3 досегашни студиски албуми, како и изведба на новиот сингл Clockwork’, кој ќе биде за првпат отсвирен пред домашната публика. Свириме инструментален етно-прогресив метал, досега немаме песна со вокал и како формација секогаш настапуваме како квартет. Песните и аранжманите ги правиме ние самите, обично некој од членовите на бендот доаѓа со некаква идеја, која подоцна во текот на пробите се разработува и во најголем дел на тој начин ја создавме музиката. Инспирациите и влијанијата ни се најразлични, од метал и рок-бендови сè до џез, блуз…“, велат од бендот.

Досега имаат настапувано на повеќе фестивали низ земјава, меѓу кои „Пиволенд“, „Виноскоп“, „Т`к так фест“, МАН алтернативни награди, како и многубројни самостојни концерти во Скопје и во другите градови низ Македонија. Изминатиов месец имаа три настапи во соседна Бугарија заедно со бугарската група „Јувиги“, а по „Станица 26“ ќе настапат на фестивалот „Полинерок“ во Пловдив, каде ќе ја делат сцената со бендови од целиот Балкан, како и од други европски земји.

Во меѓувреме, бендот интензивно работи на создавање музика за нивниот 4. по ред студиски албум.



Врати се горе ↑