18 декември, 2014

„Хроматик поинт“ имаат нова песна со „Синтезис“

Домашната метал-група „Хроматик поинт“ неодамна го промовираше своето второ албумско издание насловено „Слики од старата куќа“. Покрај албумот, момците го претставија и видео записот за песната „Стихија“, во која гостуваат членовите на групата „Синтезис“ и која е прв сингл од новото издание.

Вториот албум на „Хроматик поинт“ донесува осум комплетно нови композиции, кои момците ги правеа во текот на минатата и на оваа година. „Слики од старата куќа“ е инструментален албум, само со една вокална песна, каде што во преден план се истакнува инструменталистичката и импровизирачка способност на четворица музичари. Музиката што ја создава „Хроматик поинт“ претставува несекојдневен спој на енергичен метал и традиционални македонски фолк-елементи.

Покрај „Синтезис“, како гости на албумот се појавуваат и браќата Тавитјан, кои со својата инвентивност придонесоа за подобар и попрепознатлив звук, кој се темели на моќниот метал. Исто така гости музичари се и двајцата поранешни членови на бендот, тапанарот Влатко Нушев и гитаристот Саше Бранковски, кои свират на песните „Сува земја“ и „Црно бел мозаик“.

Албумот „Слики од старата куќа“ концертно ќе биде промовиран во февруари наредната година.

Фотографија: Баже Ангеловски; Извор: Нова Македонија



Врати се горе ↑