Настани viva_vox_choir

27 јуни, 2013

Хорскиот феномен „Вива вокс“ во Охрид‏

Во рамките на 53. издание на Охридско лето, со задоволство ви го најавуваме концертот на исклучителната хорска атракција „Вива вокс“ (Viva Vox), кој доаѓа од Белград и молскавично го освои светот со неверојатните гласови кои експериментираат со различни музички жанрови и ги поместуваат границите на невозможното кога е во прашање човечкиот глас!

Хорот „Вива вокс“, што во превод значи „да живее гласот“ е оформен во 2005 година, на иницијатива на некогашните членови на земунскиот гимназиски хор и нивната диригентка Јасмина Лорин, а од 2009 година во својот настап вклучува и битбокс, техника на вокална перкусија која денес претставува срж на нивниот карактеристичен и глобално препознатлив звук. По прошетката низ различни стилови на хорската музика, тие се задржаа на правецот кој најмногу одговара на нивната енергија, а станува збор за „а капела“ (без инструментална придружба) интерпретација на поп, рок и алтернативна музика во придружба на битбокс.

Аранжманите за своите изведби ги пишуваат самите чланови на хорот, водени од начелото дека не постои звук кој не е можно вокално да се репродуцира. Така настана и нивната обработка на песната „Du hast“ на германскиот индустриал-метал бенд Рамштајн која летото 2011 стана заразен хит на интернет и во рок од само неколку дена им ја донесе светската популарност на „Вива вокс“. Признат од страна на медиумите и широката јавност, „Вива вокс“ за време на последните неколку години забележа бројни гостувања во регионот и странство, меѓу кои се издвојуваат турнеите во Полска, Чешка и Австрија, настапите на фестивалите „Белградски пиво фест“ (Belgrade Beer Fest) и „Гет ексајтед“ (Get EXITed), како и распродадениот предновогодишен концерт во големата сала на белградскиот „Сава центар“.

 

Врв на нивната досегашна кариера претставуваше концертот во салата на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк по повод прославата на Православната Нова година на 14 јануари 2013. Како единствен музички состав од овие простори кој било кога настапувал во оваа дворана, „Вива вокс“ се придружи на листата на одбрани светски музичари кои ја имале оваа голема чест.

На 2 август, во Античкиот Театар во Охрид, македонската публика за прв пат ќе има можност да ужива во нивната несопирлива енергија и ентузијазам, кои „Вива вокс“ ги вложуваат со цел да се афирмира хорската музика и таа да стане блиска и до широката јавност. Влезниците за овој концерт наскоро ќе бидат достапни во претпродажба во продажната мрежа на МКтикетс и тоа во три категории, во зависност од распоредот на седење, по цена од 600, 700 и 800 денари.



Врати се горе ↑