Македонија Magic

14 декември, 2012

Хорот при ФМУ освои прво место во Полска

По големиот успех на натпреварот „Никола Цвејиќ“, за соло пејачи, кој се одржа во Рума, Србија на 1-ви Декември оваа година, на кој 2 студента од ФМУ од класата на Весна Гиновска Илкова се закитија со високи награди: Живе Кремшовски – 1-ва награда во својата категорија и 1ва награда на натпреварот – ЛАУРЕАТ и Ангелка Гајтановска која освои 2ра награда во својата категорија, денеска во просториите на ФМУ се одржа прес-конференција на која со големо задоволство и гордост беше споделена и веста за последното огромно меѓународно достигнување на хорот „Драган Шуплевски“ при ФМУ на чело со нивниот долгогодишен ментор проф. Сашо Татарчевски. Имено, хорот зеде учество на интернационалниот хорски натпревар за духовна музика кој се одржа од 07-09.12.2012 во Краков, Полска и освои златна диплома во својата категорија како и златен ангел за освоено прво место. Хорот беше подрржан од Министерството за култура, за што Деканот на факултетот ја изрази нивната неизмерна благодарност.

Во продолжение е и изјавата на диригентот Татарчевски:

„Навистина е извонредно чувството да се настапува во концертните катедрали на Краков пред публика која знае да ја цени и да ја слуша духовната музика. Натпреварот е само мал дел од целиот фестивал кој опфаќа неколку концертни настапи. Можеби звучи чудно, но освојувањето на првото место само по себе не е најважната придобивка од оваа турнеја. Многу поголем импакт има впечатокот кој се остава не само на интернационалното жири, туку и на големиот број хорови и диригенти од целиот свет, како и кај многубројната публика која ги следи концертите. Доказ за тоа се и поканите за учество на други слични настани кои после ваквите фестивали ги добиваат само вистински добрите ансамбли. Многу ме радува односот на студентите кои беа дел од хорот за оваа турнеја. Желбата за одговорно и квалитетно претставување на својот факултет, својата земја и култура ја гледав во очите на сите нив, а кога таа енергија ќе се спои со музикалноста и до детаљ сработениот стручен дел од работата, резултатот доаѓа сам по себе. Дополнителна придобивка за студентите е искуството кое се добива при вакви настани кои им прават спој на тоа што теоретски го учат по одредени предмети со практиката. Освен настапот на натпреварот, одржавме уште три концерти во различни катедрали, активно учествувавме во миса, а настапивме и на гала концертот по повод доделувањето на наградите. Коментарите и забелешките на жирито беа навистина во суперлативи: “Убаво избалансирана програма“, “Музикални, стилски издржани  и интересни интерпретации“, “Кристално чиста интонација“, “Вистински тајминг и прецизна ритмика“, “Огромен динамички дијапазон“, “Беспрекорна комуникација помеѓу диригентот и ансамблот“, “Комплетно ангажирани хористи“ и тн. Задоволство е кога ќе ги чуете ваквите забелешки за вашата работа во присуство на голем број колеги диригенти, а уште повеќе кога ќе ви кажат “Ви благодарам за оваа музика“. Сепак, најголемата награда овој пат за мене беа солзите во очите на публиката и хористите пред вториот бис на концертот во катедралата Najświętszej Maryi Panny z Lourdes.“

Репертоарот на хорот за оваа турнеја опфаќаше духовни композиции од повеќе автори како Аренски, Михаел Хајдн, Гаспарини, Брукнер, Архангелски, Твардовски, Грубер, Гречанинов, Арво Парт, Чајковски, Кедров, Бритн и тн.



Врати се горе ↑