Свет

15 октомври, 2018

Холограмска Ејми Вајнхаус заминува на светска турнеја

Холограм од популарната британска пејачка Ејми Вајнхаус ќе замине на светска турнеја што ќе започне наесен следната 2019 година, пренесуваат британските медиуми. Нејзиниот татко Мич ја дал својата согласност за овој проект што го реализира продукцијата „Бејс холограм“ и во чии рамки ќе се користат оригинални снимки од нејзиниот глас, во придружба на бенд во живо.

Идејата мртвите ѕвезди да „воскреснат“ на сцена воопшто не е нова. Првиот холограмски настап на покојната рап-икона Тупак се случи во 2012 година на фестивалот „Коачела, а две години подоцна го видовме и легендарниот Мајкл Џексон на Билбордовите музички награди. Набрзо започнаа да се коваат планови за холограмски концерти и турнеи и на други славни личности, како што се Фреди Меркјури, Френк Синатра, Елвис Пресли, Рој Орбисон, Биги…

Публиката сè уште е со поделени мислења во врска со ваквите настапи на своите идоли – едни се возбудени што повторно ќе ја искусат магијата на нивните концерти, а други сметаат дека е неприродно и морничаво. Секако дека тука е и огромната заработувачка на концертните компании, но барем во случајот на Ејми Вајнхаус, сите приходи ќе одат за добротворни цели, односно во нејзината фондација, која се бори за заштита и превенција од злоупотреба на алкохол и наркотици.

 

Потпишан и договор за биографски филм

Иако почина на возраст од само 27 години, Ејми Вајнхаус за кратко време успеа да се стекне со светска слава, закитувајќи се со бројни награди и признанија, меѓу кои и шест Греми. Токму затоа, во изминативе седум години имаше повеќе обиди да се добие дозвола за снимање на биографски филм, а тоа штотуку им успеа на продуцентките Алисон Овер и Дебра Хејворд од „Монументал пикчрс“.

„Сега конечно се чувствуваме подготвени да го прославиме неверојатниот талент и живот на Ејми на овој начин“, изјави нејзиниот татко Мич, додавајќи: „Знаеме дека преку нејзината фондација, вистинската приказна за нејзината болест ќе им помогне на многу други што се соочуваат со слични проблеми“.

Мич ги негираше гласините дека улогата на Ејми ќе ја одигра Лејди Гага. „Мислам дека таа чест ќе ја има некоја млада, неафирмирана актерка од Лондон, која ќе наликува на Ејми“, отрил тој. Сценариото ќе го потпише Џеф Дин, а снимањето се очекува да започне следната година.



Врати се горе ↑