Македонија

23 јули, 2019

Хитовите на Лозано најслушани во 2018 година

Здружението за заштита на авторските музички права (ЗАМП) го објави списокот со десетте најкористени музички дела за 2018 година, а втора година со ред најемитуваниот македонски рефрен е отпеан од Влатко Лозаноски. Кичевскиот славеј, кој претходната година на оваа листа беше присутен со две песни, сега го има со три теми: велигденската химна „Километри“ на првото место, најслушаната за 2017 „Мандарина“ е на второто место и летниот хит „Јако, јако“ е на четвртото место за 2018.

Лазар и Магдалена Цветкоски, кои се потпишуваат на трите песни на Лозано, на оваа листа се присутни и со темата „Слаба страна“, отпеана од младата ѕвезда Антонија Гиговска, која се најде на седмото место. Меѓу десетте најкористени дела во 2018 година се и „Главен град на тагата“ од Владо Јаневски, „Туѓа си бескрајно“ од Ефто Пупиноски, „Луд сум по тебе“ од Александар Тарабунов, „Оди ѕвездо“ од Наум Петрески, „Свири мајсторе“ од Гоце Арнаудов и „Еуфорија“ од Александра Јанева и Наташа Малинкова.

Дека хитовите на Лозано се едни од омилените на македонската публика, доказ е и големиот солистички концерт што го одржа во март годинава во Скопје, а на Илинден ќе биде и првиот македонски изведувач што ќе одржи концерт на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.



Врати се горе ↑