Македонија Joce Makfest 01

9 јуни, 2014

Хитот на Јоце Панов од „Макфест 2014“ ќе добие своја видео приказна

Откако освои 15 интернационални награди на најреномираните фестивали во регионот, пејачот Јоце Панов по цели 6 години пауза се врати на македонскиот фестивал  „Макфест“ со песна која стана апсолутен хит веднаш откако беше објавена. Песната со која Јоце настапи пред своите сограѓани во родениот Штип е насловена како „Само немој да молчиш“, а како автори на песната се потпишуваат Бане Опачиќ (музика), Владо Јаневски (текст) и Слоба Марковиќ (аранжман).

Поради големиот интерес, за 10-тина дена песната ќе добие и своја српска верзија која ќе го носи насловот „Само не ќути“, а ќе се снима и видео приказна на најубавите локации во Загреб.

Хитот во рака на Јоце не му донесе награда, бидејќи според бројот на гласови кој беше прикажан на панелот во домот на култура „Ацо Шопов“ во Штип заврши на високата четврта позиција. Пејачот вели дека е среќен што ги има најлојалните обожаватели и најдобрите луѓе во Македонија за свои пријатели, тие се неговата награда.

„После цели 6 години решив да се појавам на македонски фестивал, и среќен сум што научив животна лекција од ова искуство, која ќе ме води понатаму во животот, но поуката ќе си ја зачувам за себе. Се уверив и во нешто друго многу важно за мене, а тоа е следново: Јас ги имам најдобрите луѓе во Македонија за мои лични пријатели кои би го дале и својот живот за мене, јас ги имам најлојалните фанови во Македонија кои не можат да се помират со фактот дека ова се случи и цел ден ми пристигаат пораки за поддршка. ВИ БЛАГОДАРАМ на сите, ВИЕ сте мојата награда и ветувам дека ради вас ќе продолжам понатаму со најголема верба и сила. Наскоро ќе ја слушнете и српската верзија на оваа песна. ВЕ ОБОЖАВАМ И ВИ БЛАГОДАРАМ ОД СРЦЕ“, напиша Јоце Панов на својот Фејсбук профил.

Во продолжение уште еднаш слушнете ја студиската верзија на хитот „Само немој да молчиш“ која во моментов е најмногу прегледувана во споредба со сите останати песни од Макфест 2014.

 



Врати се горе ↑