За Вас Pharrell-Williams-Happy

15 октомври, 2014

Хип-хоп терапијата е новиот пат до ментално здравје, велат психијатрите

Од своите корени во рапот, графитите, пуштањето музика (диџеите) и брејкденсот во Бронкс, Њујорк, во седумдесеттите години од минатиот век хип-хопот прерасна во глобална култура и комерцијална велесила. Но, британски истражувачи сега веруваат дека пронашле уште еден нов начин за негова употреба: како третман за менталните болести како што се шизофренијата и депресијата, пренесува британски „Гардијан“.

Групата истражувачи вели дека хип-хопот на поединците им обезбедува чувство на еманципација и самоспознавање кое би можело да се искористи за да им помогне на луѓето да се справат со сопствените психолошки пролеми. Се тврди и дека во многу форми на хип-хоп уметноста постои внатрешна свест за прашањата поврзани со менталното здравје.

За да помогнат да се промовира идејата, неврологот Беки Инкстер (Becky Inkster) од одделот за психијатрија при Универзитетот во Кембриџ и консултантот психијатар Аким Сула (Akeem Sule) од партнерството на фондови од Јужен Есекс, го формирале „Хип-хоп сајк (Hip-hop Psych)“, кој го опишуваат како општествен потфат за промоција на користрењето на хип-хопот како помош за лекувањето на менталните болести. Инкстер и Сула ќе ги претстават идеите за „Хип-хоп сајк“ следната недела на фестивалот за идеи на Универзитетот во Кембриџ.

 

„Во хип-хопот има многу повеќе отколку што публиката може да сфати“, вели Инкстер. „Јас пораснав во 90-тите години за време на златната ера на хип-хопот, кога буквално експлодираше во мејнстрим културата. Тој е богат со референци за психијатриските болести кои не се соодветно истражени и кои би можеле да бидат од огромна корист за пациентите. Ние сакаме да работиме со рапери, добротворни организации, медицински групи и други за да го промовираме неговиот вистински потенцијал.“

Во замислата за употреба на хип-хопот, Инкстер и Сула ја вклучуваат и можноста пациентите да пишуваат свои рап текстови како дел од нивната терапија. Предложено е и хип-хопот да се користи во наставата за психијатриски болести на студентите по медицина.

„Една техника којашто сакаме да ја истражиме е онаа во која поединците бараат терапија во која ќе можат да напишат каде се гледаат себеси во наредните една до две години, користејќи рап текстови со кои ќе ја претстават својата идна историја“, вели Инкстер.

„Многу клучни рапери и хип-хоп уметници доаѓаат од сиромашните урбани области, кои често се легло на проблеми како што се злоупотреба на дрога, семејно насилство и сиромаштија, кои најчесто се поврзани со зголемена појава на психијатриски болести“, додала таа. „Овие проблеми се вкоренети во нивниот јазик и во нивните песни.“

Меѓу песните и уметниците означени од страна на „Хип-хоп сајк“, за нивниот потенцијал и употреба во разбирањето на менталната болест и нивните идеи за еманципација е Фарел Вилијамс, особено неговиот мега хит и број 1 сингл „Happy“, кој ги содржи следните стихови:

Here come bad news talking this and that, yeah, (Еве доаѓаат лоши вести за ова и она)
Well, give me all you got, and don’t hold it back, yeah, (Па, дај ми сè што имаш, не се воздржувај)
Well, I should probably warn you I’ll be just fine, yeah, (Би требало да те предупредам дека ќе бидеш добро)
No offence to you, don’t waste your timе (Без навреда, не губи си го времето)

 

Другите означени уметници од страна на Икнстер и Сула го вклучуваат и англискиот рапер Професор Грин, чија песна „Lullaby“ се фокусира на неговите напади на депресија и како тој нашол начин за справување со неа, особено откако неговиот татко се самоубил, а и многу песни од Еминем, како што е „Stan“, кои раскажуваат за длабоко вознемирени момчиња кои, често неуспешно, се обидуваат да се справат со општеството.

 

„Хип-хопот воопшто, а рапот особено, често носат пораки кои се многу посложени отколку што генерално се ценат“, додаде Инкстер. „Тоа го прави идеален медиум за помагање на лицата што имаат потреба да ги разберат нивните психолошки проблеми и изнаоѓање на начини да се справат со нив.“

 Извор: The Guardian




Врати се горе ↑