Концерт 11cdteo

27 ноември, 2012

Хикси фешта со Молокаи и Чарли Хит

Кога Суперхикс ќе најават голема фешта, бидете сигурни дека овие момци ви подготвуваат несекојдневно искуство. Пет дена пред големиот Позитивниот концерт ви претставуваме само дел од тимот задoлжен за музичкото сценарио кое долго ќе го паметите.
Првото име во улога на музичка поддршка на големиот славенички концерт на Суперхикс ќе бидесурф-панк триото MOLOKAI, кое по грешка наместо на бреговите на Пацификот е родено покрај реката Драгор. Сакајќи да им се приближат на нивните вистински корени, реинкарнациите на три калифорниски сурфери (сега познати како Дамјан Маневски, Бојан Станиќ и Дамјан Грујо) ги комбинираат звуците на сурф бендовите како Slacktone, Laika and the Cosmonauts, Man or Astro-man? и The Atlantics, со енергијата и DIY етиката на Fugazi и хаотичноста на бендови како Polska Malca. Molokai постои од јуни 2011, зад себе имаат едно демо ЕР, а до крајот на 2012 го најавуваат објавувањето и на нивниот прв албум.
 
Покрај нив, сцената во Метрополис Арена на 1-ви декември ќе го пречека и алтернативниот рок состав од Скопје, Charlie Hitt. Оваа група настана како идеја на двајцата браќа, гитаристот Гордан Попов и тапанарот Бодин Попов, во 2007 година. Нешто подоцна во приказната влегуваат басистот Стефан Стојчев, гитаристот Александар Алексов-Балабанов и пејачот Раде Кекеновски. И покрај сите премрежија и турбуленции, Чарли“ досега успеа да издаде едно EP, со концертна промоција во клубот Кастро и да сними нов материјал кој наскоро ќе биде достапен на носач на звук и за онлајн превземање.
Двете предгрупи на Суперхикс се имиња кои ветуваат сериозен придонес во целовечерната Хикси фешта.  По настапот на Суперхикс на кој дополнително ќе им се придружат и голем број пријатели и колеги музичари, позитивната забава ќе продолжи и со Славе Спировски ака диџеј Славе. Славе е една од најпозитивните фаци во Скопје, познат по специфичното темпо на презентирање музика од различни стилови (драменбејз, брејкбит па сé до хип хоп) и диџеј сетови со кои е загарантирана разиграна публика. Покрај неговите сетови на повеќе фестивали, Славе е запаметен и како еден од виновниците за лудата забава кога настапува како гостин на концертите на „Суперхикс“. Кога ќе начуете некоја опасно позитивна журка, тоа најверојатно е Славе во функција на диџеј, скречер, денсер или универзален забавувач по свадби, а можете пак само да замислите што Славе подготвува за најпозитивната журка годинава.
Во рамките на големиот позитивен концерт Суперхикс подготвуваат и низа дополнителни славенички изненадувања за своите фанови. Меѓу другото, тие на овој концерт ќе ги пречекаат и избраниците од Хикси пропагандата за музичко будење и акцијата „Кој нѐ слуша, нека игра“. Банда инструментале на акустичните упади во скопските средни училишта, имаше задача да ги преслуша младите музички фанатици и да го одбере најдобриот од нив, кој ќе настапи заедно со бендот на 1ви декември. Но конечно, поради супер потенцијалот кои го покажаа сите идни полнолетници, Суперхикс одлучија дека славеничкиот концерт ќе одберат по еден претставник од секој „упад“.
Ви остануваат само уште неколку дена до позитивната фешта на Суперхикс во рамките на TАКСИРАТ фестивал. На финалното одбележување на славеничката година за Суперхикс, бендот го прославува своето полнолетство, 18те години од формирањето на групата, каде прв пат концертно ќе го промовираат и скоро објавениот најнов албум „Африка“, кој можете бесплатно да го симнете на регионалниот музички канал MTV. За таа цел, на 1ви декември, Суперхикс после 8 години се враќаат на својата „антологиска“ локација, скопската „Метрополис Арена“, каде ве очекуваат со експлозивно концертно искушение.
Ве потсетуваме дека влезниците за концертот на Суперхикс се веќе пуштени во претпродажба со популарна цена од 200 денари, сѐ до денот на концертот кога истите ќе чинат 300 денари.
Претпродажбата се спроведува во продажните салони на ONE и продажната мрежа на МКТикетс
 низ Македонија:
Скопје
: Југотон Рекордс, Кафе Круг (Ареодром), Кафе Браво, Custom Pub, Superfly, Камарад (Рамстор), Розе (Веро 2), Супер Тобако (Лептокарија);
Куманово: Агора;
Битола: Хард Рок;
Тетово: Амнезија;
Кочани: Комисион Шишко;
Штип: Дом на млади;
Охрид: ZZ TOP;
Гевгелија: Кафе Корзо;
Прилеп: City Tobacco.
Покрај Позитивниот концерт на Суперхикс, во рамките на off-програмата на ТАКСИРАТ 14, вечерва Скопје е подготвено за арт-перформансот на францускиот музички феномен  NOUVELLE VAGUE во клуб „Колосеум“. Главната фестивалска вечер на ТАКСИРАТ 14 пак, ќе се одржи на 8ми декември во „Метрополис Арена“. За Таксират финалето, својот настап го потврдија: КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, ПАРОВ СТЕЛАР, СКИНДРЕД, ЧИСТА ОКОЛИНА, ЧЕ СУДАКА, ТАЊА СТИВЕНС и ВАН ГОГ!
ПРЕВРТИ ГО СКОПЈЕ НАОПАКУ!


Врати се горе ↑