Свет baauer

22 февруари, 2013

„Харлем Шејк“ е број 1 на Билборд листата

Оваа недела, виралниот феномен „Harlem Shake“ на бруклинскиот диџеј Бауер дебитираше на Billboard Hot 100 листата и тоа на првото место, благодарение на новата методологија која сега ги вклучува и прегледите на ЈуТјуб. Нумерата беше оригинално издадена во јуни минатата година, но светот најмногу ја забележа во изминатите неколку недели кога на интернет почнаа да се појавуваат илјадници клипови со луди танци. Песната почна повеќе да се емитува на радио, но тоа и не е толку важно, со оглед на тоа што во моментов е најпродаван сингл на iTunes, а има и огромен број на прегледи на ЈуТјуб.

Бауер (Baauer), 23-годишен продуцент од Бруклин по име Хери Родригез, за успехот на песната вели: „Стана навистина лудо. Сè што направив јас беше песната. Јас ја ’родив’, други ја израснаа и сега се враќа кај мене како некој забеган посвоен тинејџер.“

Со новите методи на рангирање на оваа листа, минатогодишниот мега хит „Гангнам Стајл“, кој е официјално најгледаниот видео клип на ЈуТјуб, сигурно ќе поминеше неколку седмици на врвот на оваа листа, наместо да „заглави“ на второто место седум недели со ред. Всушност, благодарение на бројните прегледи на овој сервер, оваа недела „Гангнам Стајл“ скокна од 48 на 26 место, бидејќи милиони сè уште го гледаат ова видео.

„Харлем Шејк“ го престигна „Thrift Shop“ од Меклмор и Рајан Луис, а на третото место се најдоа Ријана и Мики Еко, кои со нивниот дует „Stay“ се искачија за 54 места повисоко.

 

Извор и фото: PopCrush



Врати се горе ↑