Свет 2013-09-21-daniel-radcliffe-freddie-mercury-585x425

22 септември, 2013

„Хари Потер“ ќе го замени „Борат“ за улогата на Фреди Меркјури?

Како што е познато, веќе извесно време се подготвува сценариото за биографскиот филм за легендарниот фронтмен на Квин, Фреди Меркјури. Главната улога првично беше наменета за британскиот актер и комичар Саша Барон Коен, кој се прослави со улогите на Али Џи и Борат, но поради несогласувања со останатите членови на бендот, актерот се откажал од овој ангажман.

Иако по неговиот отказ се шпекулираше дека филмот воопшто нема да се сними, еден од продуцентите на филмот, Греам Кинг за еден британски медиум изјавил дека „сè уште активно се работи на филмот“. Најновата вест која деновиве ја пренесуваат голем број британски медиуми е тоа што наводно е пронајдена замена за Коен. Станува збор за британскиот актер Даниел Редклиф, кој својата светска слава ја стекна со улогата во серијалот „Хари Потер“. Имено, продуцентите на филмот биле воодушевени од улогата на поетот хомосексуалец Ален Гинсбург, која Редклиф неодамна ја играше во филмот „Kill Your Darlings“. Исто така, за разлика од Коен кој е доста висок, Редклиф има приближно иста висина како Меркјури, а знаел и убаво да пее.

Според британските медиуми, продуцентите биле подготвени да му дадат огромен хонорар на Редклиф, но сè уште не е познато дали 24-годишниот актер ја прифатил оваа улога која може да биде доста значајна за неговата кариера.

 



Врати се горе ↑