Концерт ImageProxy-12-620x350

4 јуни, 2013

Happy weekend акција за концертот на KRS ONE во Скопје

Во организација на Password Production и SureShotzна 7-ми јули во клуб Колосеум, гостува  KRS-One – Американскиот легендарен емси и продуцент директно од Њу Јорк за прв пат пред македонската хип хоп публика, заедно со неговиот препознатлив бум бап звук. Продажбата на влезниците за концертот на KRS ONE во Скопје започнува на 7-ми јуни (петок), а сите хип хоп фанови ги советуваме да побрзаат за своите билети бидејќи истите ќе бидат достапни со најефтината цена во Европа и во строго ограничен број.

Токму овој викенд, од стартот на претпродажбата па сѐ до недела, 9-ти јуни, оние најбрзите имаат и дополнителна поволност и можност да купат happy weekend влезници по цена од само 300 денари, додека пак, истите во другите Европски градови чинат од 1500-2500 денари. По happy weekend акцијата, влезниците во претпродажба во продажната мрежа на МКтикетс  ќе чинат 400 денари и 500 денари на денот на концертот (на билетарата на клуб „Колосеум“).

 

Кришна Лоренс Пакер познат под псевдонимот KRS-One е американски емси и продуцент кој доаѓа од Њујорк. Покрај неговиот псевдоним низ годините го знаете и под имињата: „Kris Parker“, „The Blastmaster“, „The Teacha“ и „The Philosopher“, а KRS-One претставува акроним од „Knowledge Reigns Supreme Over Nearly Everyone”, кое исто така во младоста било неговото графити-име. Својата хип-хоп кариера ја започнува во 1987 година, а е активен до денес. Неговата музика ја карактеризира бум-бап звукот и има соработувано со бројни славни артисти како Marley Marl, Dj Premier, Scott La Rock, BuckShot, Freddie Foxx, Showbiz, Fat Joe, Kid Capri и ред други звучни имиња од светот на хип-хопот.

Значаен за хип-хоп заедницата ширум светот, честопати е наречен „Eсенцијата на рап музиката” , како еден од најдобрите што застанале зад микрофонот. Како дел од хип-хоп екипата Boogie Down Productions, е познат по поставувањето на патот на хардкор и социјално -политичкиот рап и по издавањето на еден од највлијателните рап албуми – „Criminal Minded” заедно со Скот Ла Рок. За неговиот талент говорат и бројните освоени награди како VH1 – Hip-Hop Honors (2004), BET – I Am Hip-Hop (2007), Lifetime Achievement (2007), Urban Music – Living Legend Award (2009). Крис исто така е и основач на движењето „Temple Of Hip-Hop” и „Stop The Violence Movement”.

 

Иако одамна го стекна статусот на жива легенда на хип хоп светот, тој и денес, после повеќе од 25 години, со истиот ентузијазам и константен квалитет опстојува како институција. Човекот познат по изреката која стана максима на цело движење („Рапот е нешто што го правиш, Хип-Хопот е нешто што го живееш”), доаѓа да ја претстави својата хип хоп филозофија со концерт пред македонската публика.

Иако е на хип хоп сцената со децении, KRS-One вели дека допрва нѐ очекуваат изненадувањата во неговата работа, најавувајќи го и неговиот нов, дваесетти албум „Just Like That“, со кој сака да го привлече вниманието на својата публика и да ги натера луѓето повеќе да размислуваат, да бидат храбри и да го искористат секој ден „како да е последен“. Преку моќните рими, на кои сме навикнати кога е тој во прашање, KRS-One говори за сите проблеми и значајни работи на кои не им обрнуваме внимание и го продолжува овој тренд и со објавувањето на овој албум кој секако ќе имаме можност да го чуеме во живо на 7-ми јули 2013.

Гостувањето на KRS-ONE – “the Teacha” во Скопје е дел од неговата европска турнеја со која тој ја слави 40 годишнината на хип хопот.



Врати се горе ↑