Свет

7 јули, 2019

Хали Бејли ќе ја игра Ариел во филмската адаптација на „Малата сирена“

19-годишната пејачка и актерка Хали Бејли е одбрана да ја игра главната улога на Ариел во претстојната филмска адаптација на Дизниевиот класик „Малата сирена“, кој годинава го слави 30. роденден. Заедно со сестра си Клои, Хали е дел од дуото „Клои и Хали“, кое се прослави преку Јутјуб, објавувајќи преработки на песни од Бијонсе, која откако ги откри, веднаш ги зеде под своја закрила и потпишаа договор со нејзината издавачка куќа „Парквуд ентертејнмент“.

„По долготрајна потрага, беше очигледно дека Хали ја поседува онаа ретка комбинација на дух, срце, младост, невиност и карактер, а има и божествен глас. Сите тие квалитети се клучни за да се изигра оваа улога“, изјавил режисерот Роб Маршал.

Одлуката Ариел да ја игра Афроамериканка наиде на бурни реакции кај јавноста, бидејќи во оригиналниот анимиран филм од 1989 година сирената е со црвена коса и сини очи. „Сигурно нема да останеме рамнодушни ако бела актерка би ја играла Мулан или Тијана (од ’Принцезата и жабата’), нели?“, прашуваат едни во коментарите за оваа вест, додека други појаснуваат дека Ариел е измислен лик и нејзината приказна не е поврзана со одредена култура или раса, како што е случајот со Мулан, која е од Кина, или Јасмина од „Аладин“ и Покахонтас.

Бејли се придружува на актерската екипа што ја сочинуваат Џејкоб Тремблеј и Аквафина, a Мелиса МекКарти е во преговори за улогата на морската вештерка Урсула. Филмот ќе ги содржи и песните од оригиналот од 1989, како што се „Part Of Your World“, „Under The Sea“ и „Kiss The Girl“, потпишани од оскаровецот Алан Менкен. Композиторот во 1990 година својата колекција на Оскари ја збогати со уште две златни статуетки и победи во категориите за најдобра оригинална музика и најдобра оригинална песна за „Under The Sea“, која беше наградена и со Златен глобус и Греми.

 

Менкен ќе создаде и неколку нови песни, заедно со колегата и автор на популарниот бродвејски мјузикл „Хамилтон“ – Лин-Мануел Миранда, кој беше задолжен за музиката и за Дизниевиот анимирани филм „Моана“, а ја одигра и улогата на оџачарот во „Мери Попинс се враќа“. Миранда ќе се потпише и како продуцент на претстојниот филм, заедно со режисерот Роб Маршал, Марк Плат и Џон ДеЛука.

Само за потсетување, „Малата сирена“ е бајка од данскиот писател Ханс Кристијан Андерсен, првпат објавена на 7 април 1837 година. Низ годините била адаптирана во театар, опера, балет и филм, а во нејзина чест во 1913 година во Копенхаген била поставена и познатата бронзена статуа, која е една од најпознатите туристички атракции во градот.

Како Хали ќе се снајде во улогата на Ариел, ќе дознаеме веројатно следната година, а ако се прашувавте за нејзините вокални способности, погледнете го видеото и проценете сами.

И.Ј.



Врати се горе ↑