13 март, 2015

„Х фактор“ започнува на 22 март

Во недела, 22 март, со почеток од 21.30 часот ќе започне емитувањето на втората сезона на популарниот музички натпревар „Х фактор“. Околу 19 милиони гледачи ќе ја следат потрагата за нова регионална музичка ѕвезда, за која се пријавија 11.500 кандидати од пет земји. За судбината на натпреварувачите прво ќе одлучува четиричленото жири составено од Александра Ковач, Масимо Савиќ, Жељко Јоксимовиќ и Тончи Хуљиќ (видео горе), а потоа во емисиите во живо ќе одлучува самата публика.

Во фазата „Регрутен камп“ (Bootcamp), годинава е воведено ново правило наречено „предизвикот на 6 столчиња“, кое го имало во неколку сезони на британската и американската верзија од натпреварот, а што сè ќе гледате на малите екрани дознајте во продолжение.

ФАЗА 1 – Предаудиции

Првиот дел од процесот на селекција се предаудициите, односно првата средба на сите пријавени кадидати со стручната комисија, која ја ангажира продукцијата на проектот. Предаудициите се одржуваат ширум регионот, а селекцијата на кандидатите ја врши тим составен од професионалци од областа на музичката и телевизиската индустрија. Кандидатите кои ќе ја поминат оваа селекција, ќе настапат во следната фаза од натпреварот. Овој дел не се прикажува на телевизија.

ФАЗА 2 – Аудиции пред жири (5 епизоди)

Аудициите претставуваат фаза од натпреварот во која одбраните кандидати за прв пат се сретнуваат со публиката и жирито на „Х фактор“. На аудициите кандидатите пеат по една песна по избор, а потоа жирито одлучува кој заслужува да продолжи во следната фаза. По настапот на натпреварувачот, судиите даваат коментари и гласаат. На натпреварувачите им се потребни 3 или 4 „ДА“ за да продолжат понатаму. Аудициите ќе бидат прикажани во првите 5 епизоди со времетраење од 60 минути.

ФАЗА 3 – Регрутен камп (2 епизоди)
НОВО ПРАВИЛО – „Предизвикот на 6 столчиња“

Во оваа фаза од натпреварот, кандидатите кои поминаа на аудициите се среќаваат со разни предизвици кои недвосмислено покажуваат кој од нив е подготвен да продолжи во следната фаза од борбата. Во регрутниот камп натпреварувачите настапуваат пред жирито, но овој пат по групи. Во оваа фаза следи пресврт – динамиката на натпреварот се менува: судиите им стануваат ментори на натпреварувачите, така што на секој од членовите на жирито им е доделена по една категорија: момчиња до 27 години, девојки до 27 години, вокални групи и постари од 27 години. Потоа, секој член на жирито има задача да одбере само 6 од својата категорија, а возбудливо е тоа што никој не е безбеден до самиот крај од фазата, затоа што и тој што ќе седне на столчето, може уште веднаш да му отстапи своето место на следниот натпреварувач.

Еве еден одличен пример од оваа фаза во минатогодишната сезона на британскиот „Х фактор“, кога Италијанецот Андреа Фаустини даде сè од себе за да заслужи едно од 6-те столчиња.

 

ФАЗА 4 – Домовите на судиите (2 епизоди)

Во двете епизоди, колку што ќе трае оваа фаза од натпреварот, гледачите ќе имаат можност да ѕирнат во луксузните домови на менторите. Во топлината на своите домови менторите уште еднаш ќе ги преслушаат своите кандидати и ќе одлучат кој ќе продолжи во најтешката фаза – емисиите во живо. Меѓутоа, во конечната одлука на менторите ќе им помогнат и нивните специјални гости – познати личности од светот на музичката индустрија, кои со своите искрени совети и коментари им помагаат на домаќините. Задачата воопшто не е лесна со оглед на тоа што секоја категорија ќе биде буквално преполовена, односно од 6 ќе останат само 3. 12-те одбрани кандидати од сите категории потоа ќе настапуваат во живо во највозбудливата фаза од натпреварот.

EМИСИИ ВО ЖИВО – 9  епизоди (8 полуфиналиња и суперфинале)

Емисиите во живо претставуваат динамична и мошне возбудлива фаза од натпреварот, во која натпреварувачите настапуваат во живо пред жирито и публиката, која сега добива можност да гласа за своите фаворити. По секој настап, жирито дава коментар и се бројат гласовите на публиката, па се објавуваат резултатите. Два натпреварувачи со најмалку гласови од публиката ќе настапат уште еднаш, по што судиите ќе гласаат кој од нив ќе остане, а кој ќе си оди дома. Во случај гласовите на жирито да се изедначени (2 за да остана, 2 да си оди), тогаш крајната одлука е на гледачите, односно дома си оди оној што има најмалку гласови од публиката. Во големото финале, пак, судиите веќе немаат збор, туку победникот го одредува самата публика.

Првата епизода започнува на 22 март во 21.30 часот на телевизија „Сител“, па дали ќе имаме уште еден Даниел Кајмакоски останува да видиме во наредните неколку месеци. Низ целата приказна ќе нè водат хрватската водителка Антонија Блаќе, српскиот актер Александар Радојичиќ и нашата Снеже Велков.

Извор: Прва.рс



Врати се горе ↑