Балкан 11161352_761424330645369_762388613210160438_n

3 мај, 2015

„Х фактор“: Влегуваме во „домовите на судиите“

Откако секој од членовите на жирито ги „регрутираше“ најдобрите шест во својата категорија, Александра, Масимо, Жељко и Тончи сега ќе имаат уште потешка задача. Имено, во следната фаза наречена „домовите на судиите“, бројот на кандидати ќе биде преполовен, а со оглед на тоа што изборот ќе биде мошне тежок, менторите ќе се консултираат со своите гости – пријатели од музичкиот свет. Во вечерашната епизода ќе ги дознаеме првите шест финалисти, односно најдобрите три од категориите на Масимо (постари од 27 години) и Жељко (девојки).

При одлучувањето кои три кандидати да продолжат во финале, на Масимо ќе му помага неговата колешка, хрватската дива Нина Бадриќ, а Жељко ќе се советува со продуцентот Мирко Вукомановиќ, кој воедно е и првиот човек од продукцијата којашто го реализира проектот „Х фактор“.

„Имав чест да запознаам некои исклучително талентирани млади луѓе, за кои верувам дека со своето претставување ќе воодушеват многу гледачи. Мислам дека секој од нив сфати дека оваа професија пред сè бара многу работа и многу труд. Талентот е само 50%, а за своето место под сонцето треба да се изборат со жестока конкуренција. Во ’Х фактор’ не е важен само гласот, туку целата личност, а најмногу харизмата, која на само еден од нив ќе му донесе победа“, изјавила Бадриќ.

„Мирко пред сè e мој добар пријател, но и исклучителен професионалец и продуцент, има многу искуство и многу ја ценам неговата работа. Идејата токму тој да ми биде гостин ментор ја добив за време на снимањето кога посакав да видам каков би бил тој во ’мојата’ улога. И бев во право – Мирко ги согледа нештата од малку поинаква перспектива и верувам дека советите кои им ги даде на мојата група се бесценети“, открил Јоксимовиќ.

Оваа сезона на ’Х фактор’ се снимаше на навистина ексклузивни локации – во Војводина и во Белград. Жељко своите кандидати ги собрал на еден прекрасен и луксузен имот – величенствена куќа којашто датира уште од минатиот век, додека Масимо, бидејќи се пресели во Белград, своите кандидати ги собрал во неговиот луксузен апартман во реномиран хотел во срцето на Белград.

Во претходната фаза, Жељко ги „регрутираше“ Антонија Плешко, Катарина Симиќ, Марија Белада, Ива Ќуриќ, Магдалена Богиќ и Тијана Влајковиќ, а шестката на Масимо ја сочинуваат нашиот Алмир Исмаили, Никола Марјановиќ, Срѓан Лазиќ, Амел Ќуриќ, Данијела Вечериновиќ и Јелена Ѓуриќ. 

Од Македонија досега има 3 кандидати; дали Алмир ќе биде еден од финалистите ќе дознаеме вечерва, а судбината на Боби Мојсоски и Давид Темелков ќе ја дознаеме утревечер, кога своите категории ќе ги преполоват Александра Ковач (момчиња) и Тончи Хуљиќ (групи).

Извори: xfactoradria.com и telegraf.rs/ фотографии: Фејсбук



Врати се горе ↑