Балкан x-faktor-adria

8 јуни, 2015

„Х фактор“: Вечерва си одат дури 4 финалисти!

Никако да им дојде крајот на изненадувањата коишто ги приредува оваа втора сезона на „Х фактор“! Со оглед на тоа што останати се уште 12 финалисти, а до големото финале нè делат уште неполни 2 недели (21 јуни), продукцијата реши да го забрза отпаѓањето на кандидатите со тоа што вечерва дома ќе си заминат дури 4 финалисти! За да биде борбата рамноправна, вчера не си замина никој, така што вечерва ќе се гласа за сите 12 финалисти, а ќе си заминат 2 со најмал број гласови и 2 коишто ќе се борат во дуелот со песна за спас.

Оваа недела финалистите сами си ги одбираа песните, така што имавме можност да видиме интересни интерпретации. Во вчерашната епизода прв настапи нашиот Давид Темелков, кој во самиот вовед го потсети Тончи дека знае како да биде фраер, а за неговата изведба на хитот Feel од Роби Вилијамс жирито имаше мали забелешки, но сепак преовладуваа позитивните критики. Жељко рече дека имаше многу сугестивен настап, Тончи додаде дека ова му беше најдобриот настап досега, Масимо сметаше дека песната не му легнала најдобро, но сепак убаво ја отпеал, а Александра нагласи дека популарноста поминува, но професионалноста и академското образование се најголемото богатство што ќе остане. Како изгледаше неговиот настап можете да погледнете во продолжение.

 

Следните кандидати беа момците од групата „9 контрол“, кои направија одличен микс на еден од најголемите хитови во изминатиов период – Uptown Funk од Марк Ронсон и Бруно Марс и малку постариот хит на Принс – „Kiss“. Жирито имаше мали забелешки за нивниот настап, но генерално беа задоволни од изведбата, а како изгледаше сето тоа погледнете во продолжение.

Антонио Криштофиќ ја имаше честа да настапи заедно со вчерашниот специјален гостин Петар Грашо, изведувајќи го познатиот хит „Уторак“. Жирито го пофали дека сè повеќе напредува и дека ова бил неговиот најдобар настап, а како изгледаше сето тоа погледнете во продолжение.

 

Илија Михаиловиќ одбра една од најпознатите балади од легендарниот хрватски автор Зденко Руњиќ, а отпеана од Оливер Драгојевиќ, темата Магдалена, за која Жељко му забележа само дека требало да ја пее во пониска интонација, а Тончи пак рече дека ако Руњиќ бил жив, ќе кажел дека Илија ја отпеал „Магдалена“ за дваесет и првиот век. Како звучеше неговата изведба на познатата песна слушнете во продолжение.

 

Нина Симиќ исто така реши да направи микс од две песни, спојувајќи ги хитовите „Crazy In Love“ од Бијонсе и Џеј Зи и „Crazy“ од „Нарлс Баркли“. Жирито за жал не беше воодушевено од нејзиниот настап и ја советуваше да пее во свој стил, а како изгледаше сето тоа погледнете во продолжение.

 

Црногорското трио „Хајуеј“ направи малку посмел чекор и одлучи да настапи со авторска композиција насловена „Луд“, која им се допадна и на публиката и на жирито, а како звучеше сето тоа погледнете во продолжение.

 

Последниот финалист за вечерта беше талентираниот Босанец и единствениот преостанат кандидат од категоријата постари од 27 гоини, Амел Ќуриќ, кој реши да ја отпее „Пјесмо моја“ од Здравко Чолиќ, за што доби само пофални зборови од жирито, а особено задоволна беше Александра која најгласно аплаудираше за оваа изведба на песната потпишана од нејзиниот татко, Корнелије Ковач.

 

По изведбите на сите финалисти за вечерта, на ред дојдоа и специјалните гости Вана и Петар Грашо. Познатата хрватска пејачка нè потсети на нејзиниот огромен хит „Тек је 12 сати“, како и новиот сингл „Лопов“, а Грашо премиерно го претстави својот нов сингл „Моје злато“. Нивните настапи Ве очекуваат во продолжение.

 

Вечерва ќе настапат и преостанатите 5 финалисти, а на самиот крај дома ќе си заминат четворица. За нашите Боби и Давид ќе можете да гласате во текот на емисијата со тоа што ќе пратите СМС пораки со содржина 4 за Давид и 14 за Боби на телефонскиот број 141 345. Секоја порака чини 23,6 денари со вклучен ДДВ, а бројот на пораки е неограничен. 

И.Ј.

 



Врати се горе ↑