Балкан esc

24 мај, 2015

„Х фактор“ вечерва и утревечер во знакот на „Евровизија“

Откако во минатонеделната прва емисија во живо продукцијата реши да врати уште 4 финалисти во натпреварот, следната финална вечер ќе биде поделена во два дела: вечерва ќе настапат 8 финалисти, а утревечер 7. И во двете вечери ќе отпадне по еден финалист.

Како што беше најавено уште минатата недела, претстојните две емисии ќе бидат во знакот на „Евровизија“, којашто се одржуваше во текот на неделава, а триумфираше токму минатонеделниот гостин – шведскиот претставник Монс Зелмерлоу. Финалистите ќе се претстават со дел од најголемите хитови од најпопуларниот фестивал на стариот континент, а како што пренесува спрски „Блиц“, особено е возбуден Жељко Јоксимовиќ, кој и самиот два пати учествувал како изведувач („Лане моје“ во 2004 и „Није љубав ствар“ во 2012) и три пати како автор (Хари Мата Хари со „Лејла“ во 2006“, Јелена Томашевиќ со „Оро“ во 2008“ и Кнез со „Адио“ во 2015).

„Евросонгот е многу актуелен деновиве и мило ми е што ќе имаме можност да видиме како кандидатите ќе ги интерпретираат хитовите од најголемиот европски натпевар. Од своите кандидатки очекувам максимална посветеност во подготовките за новата емисија во живо. Мојата препорака е да ги гледаат евровизиските настапи за да ја видат шареноликоста на интерпретациите, но секако да остават и свој печат. Верувам дека понудената тема е посебен предизвик за натпреварувачите да го дадат максимумот од себе“, изјавил Жељко.

 

Како што дознава „Блиц“, за Александра Ковач било вистинско уживање да пронајде соодветни песни за своите кандидати и верува дека публиката ќе ужива и во новата емисија: „Мојата група, која воедно е и најдобрата пејачка група во овој натпревар, сериозно се подготвува за следната емисија во живо. Публиката ќе слушне врвно пеење и квалитетна евровизиска поп музика, а настапите што ги подготвивме на сите ќе им ја вратат насмевката на лицето. Работата со овие млади луѓе е вистинско уживање“, открила единствената дама во жирито, која и самата има мало евровизиско искуство.

Имено, во 2011 година Александра, татко ѝ Корнелије и сестра ѝ Кристина напишаа три песни за српскиот национален избор, а Александра освен како автор, се појави и како изведувач на темата „Идемо даље“, но победи композицијата „Чаробан“ во изведба на Нина, чиј автор е минатогодишната членка на жирито, Кристина Ковач.

 

Масимо Савиќ, пак, неколку пати учествувал на националниот избор на Југославија – „Југовизија“, а во 1989 година, кога и на „Евровизија“ за прв и последен пат победи Југославија со песната „Rock Me“ од групата „Рива“, Масимо се натпреварувал со песната „Плави анџео“.  Евровизиско искуство има и Тончи Хуљиќ, кој се потпиша како автор на темата „Лијепа Тена“ со која Игор Цукров и Андреа Шушњара ја претставуваа Хрватска во 2009 година.

 

И овие два члена на жирито одбрале големи евровизиски хитови за своите групи, а за кои композиции станува збор ќе дознаеме вечерва и утревечер со почеток од 21 часот на телевизија „Сител“. Само за потсетување, минатата недела натпреварот го напуши групата „Инфинитас“, а се вратија нашиот Боби Мојсоски, црногорското трио „Хајуеј“, Црногорецот Милан Букилиќ и босанското дуо Аднан и Тарик, така што од оваа недела ќе навиваме за два македонски кандидати.

За крај уживајте со уште еден огромен хит од „Евровизија 1990“, кога Југославија ја претставуваше хрватската „Мерилин Монро“ – Тајчи со „Хајде да лудујемо“.



Врати се горе ↑