Балкан 1888827_771739812947154_33055614759338455_o

26 мај, 2015

„Х фактор“: Тончи остана без „Анџелине“, а се враќа Данијела Вечериновиќ!

Нема крај на изненадувањата во оваа сезона на „Х фактор“! Како што е познато, вчера се одржа и вториот дел од овонеделната емисија во живо на тема „Евровизија“, во чии рамки настапија преостанатите 7 финалисти. Оваа, како што рече Александра, „Жељковизија“ ја отворија девојките со познатиот евровизиски хит од 1990 година – „Хајде да лудујемо“ од Тајчи, а нивната заедничка изведба Ве очекува во продолжение.

 

Нашиот Боби Мојсоски нè потсети на големиот хит „Када заспу анџели“ од хрватскиот евровизиски претставник во 2000 година, Горан Каран (9. место во финале), уште еднаш докажувајќи дека жирито ја донесе вистинската одлука кога реши да го врати во натпреварот. Со громогласен аплауз беше наградена прекрасната изведба на оваа балада, а жирито не можеше да пронајде зборови за да го искаже своето задоволство. Жељко беше краток и му рече само дека „би сакал да пее како него“, на Тончи му е мило што и идните генерации ќе уживаат со делата на познатиот хрватски автор Зденко Руњиќ (чии песни се пеат секоја година на фестивалот во негова чест „Руњичеве вечери“), додавајќи дека навистина нема збор за неговата изведба, Масимо додаде дека апсолутно го заслужува местото во финалето, а неговата менторка Александра истакна дека публиката допрва ќе го слушне најдоброто од него и дека докажал дека не е само рок пејач. Неговиот настап Ве очекува во продолжение.

 

Следни настапија момците од триото „Хајуеј“, кои исто така се вратија во натпреварот минатата недела, а за нивниот прв настап во живо ја одбраа „Заувијек моја“ од црногорската група „Ноу нејм“, која во 2005 година ја претставуваше тогашна Србија и Црна Гора, освојувајќи 7. место во финале. Жирито имаше мали забелешки за нивниот настап, а како звучеа младите Црногорци можете да слушнете во продолжение.

 

Симпатичната Ива Ќуриќ настапи со песната „Satelite“, со која Лена во 2010 после мошне долго време ја донесе втората победа за Германија, која за прв и единствен пат триумфирала во далечната 1982 година. Ива успеа и на оваа песна да ѝ го даде својот печат, за што жирито имаше само пофални зборови.

 

16-годишниот Илија Михаиловиќ ја изведе победничката „Fairytale“ од норвешкиот претставник во 2009 година, Александар Рибак, која сè уште го држи рекордот за песна наградена со најголем број поени во историјата на фестивалот (387). Жељко повторно коментираше дека подобро изгледал со намалените килограми, забележувајќи му само дека требало да го задржи етно елементот во песната, а го пофалија и другите членови од жирито.

 

Уште една песна од репертоарот на „Жељковизија“ отпеа и Магдалена Богиќ. Талентираната финалистка од Јајце (БиХ) настапи со шестопласираната „Оро“, со која боите на Србија во 2008 година ги бранеше Јелена Томашевиќ. Секако дека жирито ја пофали и оваа нејзина изведба, а како звучеше сето тоа слушнете во продолжение.

 

Триото „Анџелине“, кое минатата недела за малку ќе го напуштеше натпреварот, ја отпеа можеби најпознатата евровизиска песна – „Waterloo“ од некогашната шведска група „АББА“, која триумфираше на фестивалот во далечната 1974 година.

 

На прекрасен начин натпреварувачкиот дел го затвори босанскиот финалист Амел Ќуриќ со одличната изведба на Лејла, која на Хари Варешановиќ и БиХ им донесе 6. место во 2006 година. Неговиот ментор Масимо направи и интересна споредба со оригиналот, велејќи дека ако гласот на Хари е виолина, ова било изведба на саксофон. Како изгледаше сето тоа погледнете во продолжение.

 

Додека публиката привршуваше со праќање на СМС пораки и додека се пребројуваа гласовите, имавме можност да уживаме со настапите на специјалните гости на вечерта – овогодишниот црногорски претставник Кнез со неговата „Адио“ и популарната хрватска пејачка Лана Јурчевиќ, која го отпеа својот актуелен хит „Лудо љето“.

 

И додека финалистите ги очекуваа резултатите, нашата водителка Снеже Велков ја откри и најновата одлука на продукцијата – во натпреварот да се врати и кандидатката која доби најголем број гласови токму од финалистите, а тоа е хрватската пејачка Данијела Вечериновиќ. Со нејзиниот специфичен вокал и уникатни интерпретации, Данијела воодушеви уште на самата аудиција, кога Тончи рече дека „Х фактор“ е измислен токму за неа, а потсетете се и на нејзините настапи во фазите регрутен камп и домовите на судиите. Таа ќе ја заокружи тројката во категоријата постари од 27 години и ќе настапи во следната емисија во живо, која повторно ќе биде во два дела (недела и понеделник), а финалистите ќе пеат на тема „Љубов“.

На самиот крај од вечерта конечно беа откриени резултатите од гласањето, а финалистите за кои најмалку се гласало биле Илија Михаиловиќ и, повторно, триото „Анџелине“. За тн. песна за спас девојките го одбраа познатиот хит на Ејми Вајнхаус и Марк Ронсон – „Valerie“, а Илија ја отпеа „Идемо даље“ од својата менторка Александра Ковач.

 

Бидејќи жирито гласаше 2 : 2 (Александра и Жељко го поддржаа Илија, а Масимо и Тончи беа за „Анџелине“), во ваква ситуација правилото е крајниот збор да го има публиката, така што со најмал број гласови дома си заминаа девојките од „Анџелине“.

Со оглед на тоа што оваа недела отпаднаа 2 финалисти (Никола Марјановиќ и „Анџелине“), а се врати уште еден (Данијела Вечериновиќ), следната недела ќе се натпреваруваат 14 кандидати, односно 7 в недела и 7 в понеделник. Македонија може да биде задоволна бидејќи и оваа недела безбедни се и Давид и Боби, па се надеваме дека ќе ги гледаме до самиот крај!

И.Ј.

 



Врати се горе ↑