Балкан 11165273_771343076320161_1831502689008515304_n

25 мај, 2015

„Х фактор“: Никола Марјановиќ го напушти натпреварот

Во вчерашниот прв дел од овонеделната емисија во живо на тема „Евровизија“ настапија 8 од вкупно 15-те финалисти на „Х фактор“. На самиот почеток машкиот дел од кандидатите ја отпеа евровизиската „Лане моје“, со која Жељко Јоксимовиќ ја освои вице-шампионската позиција на познатиот европски фестивал во 2004 година.

 

Честа да настапат први овој пат им припадна на босанските фаворити Аднан и Тарик, кои се вратија во натпреварот благодарение на публиката којашто гласаше преку апликацијата „Вајлд карта“ на „Самсунг“. Дуото ја загреа атмосферата со големиот хит For Reаl, кој на турската панк-рок група „Атена“ ѝ го донесе високото четврто место настапувајќи на домашен терен во 2004 година.

 

17-годишниот Антонио Криштофиќ нè потсети на далечната 1973 година, кога Југославија во Луксембург ја претставуваше тогаш младиот Здравко Чолиќ со темата „Гори ватра“, освојувајќи го 15. место. Како звучеше овој ретро хит во изведба на Антонио можете да слушнете и видите во продолжение.

 

Најпопуларната група од категоијата на Тончи, „9 контрол“ одлично ја изведе можеби најпознатата евровизиска балада, со која Даниел Кајмакоски неодамна ѝ го честиташе 60. роденден на „ЕвровизијаHold Me Now од единствениот двократен евровизиски победник, Џони Логан. Во 1987 година, познатиот музичар со оваа песна ѝ донесе една од седумте рекордни победи на Ирска, а како четирите момчиња од „9 контрол“ ја изведоа оваа песна можете да погледнете во продолжение.

 

Единствената натпреварувачка од групата на Жељко којашто настапи вчера беше Нина Симиќ, која за својата интерпретација на победничката „Euphoria“ од Швеѓанката Лорин не доби баш добри критики, а како изгледаше нејзиниот настап можете да видите во продолжение.

 

Баладата Небо, со која Нина Бадриќ ја претставуваше Хрватска во 2012 година, но за жал не успеа да се квалификува за финале, вчера ја отпеа единствената дама во категоријата на Масимо Савиќ – Јелена Ѓуриќ. Белградската пејачка доби одлични критики за нејзината изведба којашто Ве очекува во продолжение.

 

Црногорецот Милан Букилиќ, кој исто така се врати во натпреварот минатата недела, вчера настапи со познатиот хит „Џули“ од црногорскиот пејач Даниел Поповиќ којшто го освои високото 4. место во 1983 година. Оваа песна неодамна доби и преработка од нашиот овогодишен евровизиски претставник Даниел Кајмакоски, а како изгледаше изведбата на Милан можете да видите во продолжение.

 

Нашиот кандидат Давид Темелков се одлучи за хитот „Црно и бело“, кој на Калиопи и Македонија во 2012 година ѝ го донесе вториот највисок пласман досега – 13. место во финале. „Македонијо! Балкане! Срцето ми е полно и не знам што попрво да напишам! Ви благодарам од сè срце што ме поддржувате, што гласате за мене и ми помагате да го правам тоа што го сакам. Се надевам дека Ви се допадна мојот настап и мојата изведба на ’Црно и бело’ од нашата една и единствена дива Калиопи. Ви благодарам“, напиша Давид после синоќешниот настап, за кој доби само пофални зборови.

 

Хрватскиот кандидат Никола Марјановиќ изведбата на „Покушај“ од босанскиот претставник во 2008 година, Елвир Лаковиќ Лака, им ја посвети на припадниците на ЛГБТ заедницата во регионот, велејќи дека потребно им е малку повеќе разбирање од средината. Со оваа песна Лака на „Евровизија“ го освои 10. место во финалето, а како изгледаше настапот на Никола можете да погледнете во продолжение.

 

Откако настапија сите 8 кандидати, за време на гласањето имавме можност да уживаме со настапот на гостите и минатогодишни учесници на „Х фактор“, групата „Рома сијам“ и нивната песна „Nasti ajdicare“, што беше вистинско освежување за вечерта.

 

На самиот крај на вечерта, сите кандидати со своите ментори излегоа на сцената очекувајќи ги резултатите од гласањето на публиката, која најмалку гласала за Никола Марјановиќ и Милан Букилиќ. Двајцата финалисти потоа ги отпеаја своите „песни за спас“ – Милан воодушеви со „Жуте дуње“ од „Индекси“, а Никола со „Stay“ од Ријана.

 

И покрај тоа што и двајцата одлично се покажаа со песните за спас, сепак еден од нив мораше да си оди дома. Жељко рече дека Никола е толку оформен музичар што треба веќе да одржува концерти во регионот, а „Х фактор“ му беше одлична промоција за тоа, така што својот глас го даде за Милан. Сличен став имаше и Александра, која како ментор на Милан, секако дека го поддржа својот кандидат. Бидејќи Никола е од неговата категорија, Масимо логично го даде својот глас за него, па клучниот збор го имаше Тончи, кој реши дека Милан останува, а Никола си оди дома.

После групата „Инфинитас“, Никола е вториот финалист што го напушта натпреварот, а вечерва, кога ќе настапат и останатите 7 кандидати, дома ќе си оди уште еден финалист. Еден од финалистите што ќе ги видиме вечерва е и нашиот Боби Мојсоски, кој се врати во натпреварот минатата недела, па се надеваме дека ќе успее да остане до крај.

„Пријатели, дечки, девојки, дами и господа. Денес во 21.00 часот настапувам на за мене првата емисија во живо на ’Х фактор Адрија’. Ќе дадам максимум за со оваа прекрасна песна да Ви ја допрам душата или да Ви пробудам сеќавања, а судбината Ви ја препуштам вам – со вашите SMS пораки ќе одлучите дали ќе продолжам. Ве сакам и верувам во вас“, порача Боби, а со која песна ќе настапи ќе дознаеме вечерва со почеток од 21 часот на телевизија „Сител“.

 И.Ј.

 



Врати се горе ↑