Балкан 11246472_774502072670928_7726202407432360268_n

1 јуни, 2015

„Х фактор“: Натпреварот го напушти Јелена Ѓуриќ

По минатонеделната евровизиска емисија во живо, оваа недела финалистите имаат задача да пеат песни на тема „Љубов“. Во вчерашниот прв дел имавме можност да погледнеме 7 од преостанатите 14 финалисти, а додека се пребројуваа гласовите од публиката, со свој настап нè почести и менторот на категоријата постари од 27 години, Масимо Савиќ, како и популарната хрватска група „Магазин“.

Првиот настап беше резервиран за Ива Ќуриќ, која одлично ја изведе Video Games од Лана Дел Реј, за што доби само пофални зборови од жирито.

 

Веднаш по неа настапи нашиот Боби Мојсоски, кој на одличен начин му го честита роденденот на познатиот хрватски музичар Тони Цетински изведувајќи го неговиот хит Опет си побиједила. Тончи повторно рече дека „Х фактор“ е натпревар во кој победуваат Македонци,  Жељко уште еднаш беше воодушевен од перфектната изведба на Боби, а неговата менторка Александра само додаде дека „се гледаме во финале!“

 

Белградската „Сем Браун“, Јелена Ѓуриќ го изведе познатиот хит на ирскиот музичар ХозиерTake Me To Church, повторно добивајќи пофалби од членовите на жирито.

 

Момчето што за малку ќе отпаднеше од натпреварот минатата недела, Илија Михаиловиќ одлучи да ја отпее песната „Impossible“, која на Џејмс Артур во 2012 година му ја донесе победата на британската верзија на натпреварот, а оригинално ја сними американската пејачка Шонтел. Жирито имаше мали забелешки за неговата интерпретација, но сепак беа задоволни.

 

Црногорското трио „Хајуеј“ настапи со добро познатиот хит Неко те има ночас од „Ван Гог“, а според жирито ова беше нивната најдобра изведба досега.

 

Претпоследна настапи шармантната Нина Симиќ, која сериозно ги сфати критиките од жирито и овој пат одлично ја отпеа баладата Море пелина од Марија Шерифовиќ, за што доби само пофални зборови.

 

Последните финалисти за вечерта беа босанските фаворити Аднан и Тарик со одличната изведба на хитот „Лудак као ја“ од Жељко Јоксимовиќ, а жирито и овој пат ги пофали за својата уникатност.

 

Додека се пребројуваа гласовите од публиката, гледачите уживаа со настапите на Масимо Савиќ и хрватската група „Магазин“. Масимо го отпеа својот сингл „Кладим се на нас“, а „Магазин“ ја изведоа песната „Докторе“.

 

Џејмс Артур гостин во финалето, а финалистите гости на концертот на Роби Вилијамс во Белград!

Во меѓувреме продукцијата реши да открие уште неколку изненадувања! Имено, сите финалисти ќе имаат можност да настапат како специјални гости на концертот на една од најпознатите британски ѕвезди во моментов – РОБИ ВИЛИЈАМС, чиј настап во Белград е закажан за 17 јуни, а на 21 јуни, кога е закажано големото финале на „Х фактор“, специјален гостин ќе биде токму победникот на британската верзија на натпрев1арот во 2012 година – ЏЕЈМС АРТУР!

 

Откако беа соопштени одличните вести, на ред дојдоа и резултатите од гласањето кога еден од финалистите ќе си оди дома. Овој пат најмалку гласови од публиката добиле Нина Симиќ и Јелена Ѓуриќ, кои ги отпеаја своите песни за спас. Нина се обиде да добие уште една шанса со една од нашите најпознати народни песни – „Зајди, зајди“, а Јелена со Imagine од Џон Ленон. Секако дека Жељко ја поддржа својата кандидатка Нина, а Масимо Јелена, така што требаше да одлучат Тончи и Александра. Бидејќи и тие дадоа по еден глас за двете финалистки (Тончи за Нина, а Александра за Јелена), крајната одлука отиде во рацете на публиката и дома си отиде финалистката со најмалку гласови – Јелена Ѓуриќ.

 

Вечерва ќе настапат другите 7 финалисти, меѓу кои нашиот Давид Темелков, како и Данијела Вечериновиќ, која минатата недела се врати во натпреварот благодарение на гласовите на финалистите, а на крајот од вечерта дома ќе си оди уште еден финалист.



Врати се горе ↑