Балкан 10420206_775202289267573_6817537443389490086_n

2 јуни, 2015

„Х фактор“: Масимо остана со само еден финалист

Сè помали се шансите Масимо Савиќ да биде победничкиот ментор во оваа втора сезона на „Х фактор“, бидејќи вчера изгуби уште една финалистка од својата категорија постари од 27 години. Имено, и покрај тоа што штотуку се врати во натпреварот, Данијела Вечериновиќ сепак не успеа да ја освои публиката во регионот и го напушти натпреварот по само 1 настап во емисиите во живо.

Во рамките на синоќешниот втор дел од овонеделната емисија на тема „Љубов“ настапија 7 финалисти, меѓу кои и нашиот Давид Темелков, кој ја отпеа познатата балада од Тоше Проески – „Једина“, односно „Громови на душа“. Жељко му ја пофали новата фризура, како и самата интерпретација на песната, Тончи повторно коментираше дека е премногу фин и пристоен и дека се обидувал да го разбуди мажот во него, но останатите членови на жирито не се согласија со него, особено Масимо, кој рече дека треба да остане вистински господин каков што е. Александра заклучи само дека еден е Тоше Проески, но постои и само еден Давид Темелков! Како изгледаше неговиот настап погледнете во продолжение.

 

Пофалби повторно добија и момците од групата „9 контрол“, кои се вистински миленици на женската публика. Тие настапија со познатиот хит на Џастин Тимберлејк, „Mirrors“, а како звучеше сето тоа слушнете во продолжение.

 

Сега веќе единствениот финалист од категоријата постари од 27 години, Амел Ќуриќ ја отпеа „Love Me Again“ од Џон Њуман, за што жирито имаше само пофални зборови.

 

Младиот Антонио Криштофиќ настапи со темата „Умирем сто пута дневно“ од  Тони Цетински, за што жирито немаше никакви забелешки освен тоа дека има огромен напредок од недела во недела.

 

„Као да ме нема ту“ од хрватската пејачка Вана ја отпеа босанската финалистка Магдалена Богиќ, за што особено добри критики доби од Тончи, кој порано соработувал со пејачката. Како изгледаше настапот на Магдалена можете да погледнете во продолжение.

 

Црногорскиот шармер Милан Букилиќ, кој за жал повторно се најде во дуелот за спас, се обиде да ја освои публиката со одлична интерпретација на хитот „Story Of My Life“ од британската сензација „Уан дајрекшн“, а Тончи рече дека Црна Гора треба да гласа за него и следната година да го испрати на „Евровизија“.

 

Финалистката со најкус стаж во емисиите во живо, Данијела Вечериновиќ на својот единствен настап ја отпеа евровизиската „Ријека без имена“, со која Марија Шестиќ ги бранеше боите на БиХ во 2007 година. За оваа изведба Данијела доби одлични критики, а како звучеше и изгледаше сето тоа погледнете во продолжение.

 

Додека се пребројуваа гласовите од публиката, во ревијалниот дел од вечерта настапија специјалните гости – групата „С.А.Р.С.“ и нашата Елена Ристеска. Познатата екипа од Белград го отпеа својот голем хит „Лутка“, а Елена ја искористи пригодата премиерно да го претстави својот нов сингл „Доживотно“.

 

На самиот крај од емисијата беа откриени и резултатите од гласањето, а во дуелот се најдоа Данијела Вечериновиќ и, по втор пат, Милан Букилиќ. Талентираното момче ја отпеа баладата „Ко лијана“ од Саша Васиќ, а Данијела „Give Me One Reason“ од Трејси Чепмен. 

 

Со оглед на тоа што гласовите на жирито беа 2:2 (Александра и Жељко гласаа за Милан, а Тончи и Масимо за Данијела), крајната одлука отиде во рацете на публиката, така што дома (повторно) си замина Данијела. Емисиите во живо ќе се одвиваат во два дела (недела и понеделник) до самиот крај, односно до 21 јуни, кога е закажано големото финале. Се надеваме дека до самиот крај ќе ги бодриме двата наши финалисти –  Боби и Давид, кои добиваат огромна поддршка, не само од Македонија, туку и од целиот Балкан! 

 И.Ј.



Врати се горе ↑