Балкан finale

20 јуни, 2015

„Х фактор“: Џејмс Артур, Јелена Розга и членовите на жирито специјални гости во суперфиналето

Во полн ек се подготовките за големата завршница на втората сезона од регионалниот „Х фактор“, а на само еден ден пред суперфиналето познати се и сите гости коишто в недела ќе настапат во белградската „Комбанк арена“ . Покрај веќе најавената светска ѕвезда и победник на британската верзија на натпреварот во 2012 година, Џејмс Артур, своите нови песни премиерно ќе ги претстават и самите членови на жирито, како и популарната хрватска пејачка Јелена Розга.

Имено, Тончи Хуљиќ со својот бенд „Мадре бадеша“ сними нова песна насловена „Фуман“, во која гостува токму колегата Масимо Савиќ. Тончи, кој влегува во суперфинале со групите „Хајуеј“ и „9 контрол“, изјавил дека е многу возбуден пред утрешниот спектакл, но и за премиерата на новата песна: „Долго ја чувавме во тајност оваа информација, со месеци работевме на ова посебно изненадување коешто ќе им го подариме на гледачите во ’Комбанк арената’. Нашата сороаботка произлезе токму од овој прекрасен телевизиски проект, па логично беше премиерно да ја претставиме токму во суперфиналето. Публиката може да очекува многу интересен настап, ќе биде дефинитивно нешто поинакво и неочекувано од нас двајцата“, заклучи Тончи.

Своите впечатоци од оваа соработка ги откри и самиот Масимо: „Кога Тончи ми предложи да снимиме нешто заедно, бев уверен дека му требам како гитарист бидејќи таа желба ја изрази повеќе пати. Но, тој имаше поинакви планови – буквално да снимиме дует. Резултатот од нашата соработка го гледам како судар помеѓу Тончи и ’Мадре бадеша’ и исконскиот Доријан Греј. Морате да признаете дека станува збор за луда комбинација. А мене во последно време ме интересираат само ’исчашени музички ситуации’. Мислам дека токму заради многуте контрадикторности, а истовремено и многу заеднички ставови, нашата соработка ќе резултира со многу слушана песна“, рече познатиот музичар, кој стигна до финалето со само еден кандидат – Амел Ќуриќ.

Еден од најпопуларните музичари во регионот и веќе две сезони со ред ментор и член на жирито во „Х фактор“, Жељко Јоксимовиќ премиерно ќе го претстави својот прв сингл од новиот албум. Пејачот ќе ја има честа да ја отвори вечерта со изведбата на песната „Рањена звер“, а ќе угости и пет фанови од социјалните мрежи коишто ќе имаат можност да го запознаат во живо.

„Албумот е конечно готов и првата песна ќе ја претставам в недела во 21 часот. Сакам да ги изненадам сите коишто ќе бидат во ’Комбанк арената’ и токму тие да бидат првите што ќе ја слушнат ’Рањена звер’. Станува збор за вистински хит, брза песна којашто самиот ја компонирав и аражирав, а текстот го напиша Марина Туцаковиќ. Тоа ќе биде одлична увертира за фантастичната и неизвесна ноќ што ни претстои“, изјави Јоксимовиќ, кој ќе објави нов албум после цели шест години, а има шанси повторно да биде победничкиот ментор доколку триумфира една од двете финалистки од неговата категорија – Ива Ќуриќ и Магдалена Богиќ.

Свој настап ќе има и единствената дама во жирито – Александра Ковач. Таа ќе ја отпее песната „Да ли некад сањаш сан“, која им ја посветува на своите кандидати од категоријата момчиња, од кои во суперфиналето оди само еден, ама вреден – нашиот Боби Мојсоски!

„Огромно е задоволството што ќе настапам на финалната и највозбудлива вечер пред целиот регион и тоа во поставата што најмногу ја сакам – во придружба на мојот хор ’Белградски глас’. Ќе отпеам една од моите балади насловена ’Да ли некад сањаш сан’, која носи порака за љубов и мир. Јас и моите момци – Боби, Антонио, Милан, Илија и Давид, ја праќавме оваа порака во текот на целиот натпревар, а пријателството и единството на овие талентирани и паметни млади луѓе му покажа на целиот регион дека вистински уметник е оној кој, пред сè, е добар човек! Затоа песната ќе им ја посветам токму ним!“, порача Ковач.

Една од напопуларните пејачки во регионот, Јелена Розга, исто така ќе го промовира својот нов сингл „Краљица“:Се радувам што песната ’Краљица“ премиерно ќе ја изведам на телевизија во суперфиналната вечер од најпопуларниот пејачки натпревар во регионот и тоа токму во ’Комбанк арената’, пред бројната публика. Не пропуштив ниту една емисија од ова шоу и мило ми е што ќе бидам еден мал дел од неделниот спектакл. Песната што ќе ја изведам ја потпишуваат моите долгогодишни соработници Тончи и Вјекослава Хуљиќ и сигурно е дека сите жени летово ќе танцуваат и ќе уживаат како вистински кралици“, задоволно истакна Розга.

Суперфиналето на „Х фактор“ нè очекува утревечер (недела, 21 јуни), со почеток од 21 часот на телевизија „Сител“. За победа ќе се борат 6 финалисти: Боби Мојсоски од категоријата момчиња, Амел Ќуриќ од категоријата постари од 27 години, Ива Ќуриќ и Магдалена Богиќ од категоријата девојки и „Хајуеј“ и „9 контрол“ од категоријата групи. Дали и во оваа втора сезона ќе триумфира Македонец, останува да дознаеме утре.

За крај, уживајте со минатонеделниот настап на нашиот Боби!

Извори фотогафии: xfactoradria.com



Врати се горе ↑