Балкан bm

18 мај, 2015

„Х фактор“: Боби се враќа во натпреварот!

Синоќешната прва емисија во живо навистина беше преполна со изненадувања! Имено, и покрај тоа што беше предвидено да се врати само уште еден кандидат, продукцијата реши да врати дури 4 финалисти. Секој што ја следи фан страницата на „Х фактор“ на Фејсбук, забележал дека изминатиов период најголемиот број коментари беа за босанското дуо Аднан и Тарик, така што не беше никакво изненадување дека токму тие собраа најголем број гласови на апликацијата „Вајлд карта“ на „Самсунг“. Но, со оглед на тоа што годинава имаше мошне добри кандидати кои не стигнаа до оваа фаза, во текот на емисијата беше одлучено да се вратат уште три кандидати, а таа одлука падна во рацете на судиите кои решија тоа да бидат црногорското трио „Хајуеј“, Црногорецот Милан Букилиќ и НАШИОТ БОБИ МОЈСОСКИ!

„Дечки, јас сè уште сум во шок, какво изненадување! Ви благодарам на сите кои ме поддржавте со вашите гласови, Вие кои сте ми мотивација и инспирација и ми давате сила да одам напред и да не се предавам до крај. Како и досега, ќе се трудам максимално, секогаш ќе давам сè од себе и најдобро што можам, сè за Вас!“, искрено се заблагодари Боби на социјалните мрежи.

Емисијата со заеднички настап ја отворија 12-те финалисти избрани во „домовите на судиите“, кои го изведоа познатиот хит „Let Me Entertain You“ од британската ѕвезда Роби Вилијамс, а потоа започнаа и самостојните настапи на секој од нив.

 

Честа да настапи прв ја имаше 35-годишниот Амел Ќуриќ, кој ја отпеа „Луд и поносан“ од Жељко Јоксимовиќ, за што доби само пофални зборови од жирито.

 

Уште едно во низата изненадувања беше поврзано со групата „Анџелине“, кое првично беше оформено како трио, а подоцна им се придружи и Милица Лојиќ, која за жал не можела да го поднесе притисокот и сепак ја напушти групата, така што „Анџелине“ уште еднаш стана трио. Девојките го изведоа познатиот хит „Lights“ од британската пејачка Ели Гоулдинг, а жирито имаше мали забелешки, но сепак ги пофали за изведбата.

 

Третиот настап беше резервиран за 16-годишниот Илија Михаиловиќ. Иако навикнавме да го слушаме со ар-ен-би и соул балади, Илија овој пат се одлучи за побрза песна и тоа добро познатата „Љуљај ме нежно“ од Оливер Мандиќ. На жирито им се допадна неговата изведба, а Жељко го пофали што го послушал неговиот совет и ослабнал неколку килограми.

 

Четвртиот финалист беше токму нашиот Давид Темелков со прекрасната изведба на класиката „Who Wants to Live Forever“ од легендарниот бенд „Квин“. Масимо нè потсети дека песната е направена за филмот „Хајлендер“, во кој главната улога ја одигра Кристофер Ламбер, а за прекрасната изведба на Давид имаше само пофални зборови додавајќи дека со овој настап уште еднаш докажа дека има огромни шанси да биде победник на натпреварот! Воодушевени беа и другите членови на жирито, а неговата менторка Александра Ковач рече дека владее со сцената и дека дефинитивно ќе оди во супер финале!

 

Хрватскиот рокер Никола Марјановиќ се одлучи за хитот „Зашто правиш слона од мене?“ од легендарниот хрватки музичар Дино Дворник. Тој одлично ја изведе оваа песна, а судиите му забележаа само дека малку ја изгубил концентрацијата кога на сцена му се придружија танчерките, но сепак го пофалија што ја отпеа на свој начин и во негов стил.

 

Младата Магдалена Богиќ од Јајце, БиХ, која за својата моќна интепретација на евровизиската „Молитва“ доби пофалби и од самата Марија Шерифовиќ, во вчерашната епизода настапи со хитот „Addicted To You“ од шведскиот продуцент Авичи и Одра Меј. Менторите немаа многу забелешки и уште еднаш ја пофалија младата пејачка.

 

За песна од домашен изведувач се одлучи и 17-годишниот Антонио Криштофиќ, кој ја отпеа „Стотинама година“ од хрватскиот музичар Жак Хоудек. Жирито го пофали и овој негов настап.

 

Уште една моќна интерпретација имаше и „српската Сем Браун“ – Јелена Ѓуриќ, која буквално растури со изведбата на класичната „I Put A Spell On You“, оригинално снимена од Џеј Хокинс во 1956 година, но најпозната е верзијата на Нина Симон, а сè уште е актуелна и верзијата на Ени Ленокс, која се најде на нејзиниот минатогодишен албум со преработки – „Nostalgia“. Се разбира, жирито и овој пат имаше само пофални зборови.

 

Хрватската група составена од браќата и сестрите Периќ, „Инфинитас“ повторно настапи со песна од домашен изведувач, а овој пат тоа беше хитот „Опрости“ од Џибони. Песната им ја посветија на Аднан и Тарик бидејќи се чувствувале виновни што им го „зеле“ местото во финалето.

 

Девојката која за малку ќе се онесвестеше за време на „регрутниот камп“, Катарина Нина Симиќ и овој пат беше настината, но тоа не ја спречи да ја изведе „Не тиче ме се“ од „Магазин“ најдобро што може. Ова беше интересна промена во нејзиниот досегашен репертоар, со оглед на тоа што во изминатите епизоди пееше постари хитови од светската музичка сцена, секако со исклучок на „Бато“ од Калиопи, која ја отпеа во „домовите на судиите“. Жирито го пофали и овој нејзин настап.

 

Веднаш по неа настапи и Јутјуб сензацијата Ива Ќуриќ, која од самиот почеток покажа дека на секоја песна може да ѝ го даде својот личен печат. Токму тоа го направи и со хитот „Diamonds“ од Ријана, за што Тончи рече дека тоа биле 3 минути магија, а задоволни беа и останатите членови на жирито, вклучувајќи го и нејзиниот ментор Жељко Јоксимовиќ.

 

Со уште еден познат хит од легендарниот Дино Дворник нè почестија и последните финалисти за вечерта – групата „9 контрол“. Момците одлично се снајдоа на сцената и докажаа дека се едни од најдобрите кандидати од оваа категорија.

 

Откако настапија сите 12 финалисти, нивната судбина падна во рацете на публиката, која гласаше по пат на СМС, а додека траеше гласањето настапи специјалниот гостин и годинешен шведски претставник на ЕвровизијаМонс Зелмерлоу.  Тој ја отпеа својата евовизиска песна „Heroes“, која според сите обложувалници е најголемиот фаворит за победа! Со оглед на тоа што и самиот ја започнал кариерата на сличен натпревар (Идол), на финалистите им порача да не се откажуваат, да работат вредно бидејќи има уште долг пат до успехот.

 

Во овој дел од емисијата беше откриена веста за враќањето на уште 4 финалисти во натпреварот, по што дојде време да се откријат и резултатите од гласањето на публиката. Сите финалисти и ментори излегоа на сцената, каде што водителите откриваа кои финалисти се безбедни, а кои ќе одат во борба за опстанок и ќе пеат песна за спас. Откако беа откриени имињата на сите кандидати што ќе продолжат понатаму (меѓу кои секако и нашиот Давид), финалистите со најмалку гласови беа групите „Инфинитас“ и „Анџелине“.

„Инфинитас“ настапија први со песната „Срце предајем ти“ од Кристина, а„Анџелине“ со „Смејем се, а плакао бих“ од Оливер Мандиќ. Со оглед на тоа што и двете групи се во категоријата на Тончи, тој одлучи да не гласа и одлуката им ја препушти на колегити од жирито. Масимо рече дека за нијанса подобри биле „Анџелине“, Александра гласаше за „Инфинитас“, така што крајната одлука падна во рацете на Жељко, кој рече дека „Анџелине“ се посоодветни за овој тип на натпревар и дома ги испрати „Инфинитас“.

Следната недела во чест на „Евровизија“

Бидејќи на преостанатите 11 финалисти ќе им се придружат уште 4, следната недела ќе има две епизоди – една во недела и една во понеделник, но во секоја од нив ќе отпадне по еден кадидат! Вообичаено сите финални вечери имаат одредена тема, па по повод 60. издание на „Евровизија“, кое се одржува токму оваа недела, во следните 2 епизоди финалистите ќе отпеат дел од најголемите евровизиски хитови, а кој или кои ќе бидат специјалните гости ќе дознаеме наскоро.

И.Ј.



Врати се горе ↑