Балкан bobim

15 јуни, 2015

„Х фактор“: Боби оди во суперфинале!

…а дома си заминаа Антонио, Аднан и Тарик.

Во вчерашното полуфинале на „Х фактор“ конечно ги добивме шесте суперфиналисти коишто на 21 јуни во белградската „Комбанк арена“ ќе се натпреваруваат за главната награда и титулата победник во втората сезона популарниот музички натпревар. Меѓу нив секако дека е и нашиот Боби Мојсоски, кој добива огромна поддршка не само од Македонија, туку и од целиот Балкан.

„Мене сè уште ми изгледа како сон, не можам да поверувам. Драги пријатели, фала ви за сета поддршка. Баш заради вас успеав да се пласирам од 12.500 кандидати досега во последните шест. Сега останува уште еден последен лајв, уште една последна борба заедно. Ве сакам“, се заблагодари Боби, кој синоќа настапи со познатиот хит на „Уан репаблик“ – „Counting Stars“, а како изгледаше неговиот настап можете да погледнете во продолжение.

 

Вчерашната полуфинална емисија ја отвори еден од четирите специјални гости – хрватскиот музичар Жак Худек, кој ја отпеа својата балада „Нов човијек“, по што следеа настапите на 8-те преостанатите финалисти во натпреварот, пеејќи „Песни со посвета“.

 

Прв настапи талентираниот Антонио Криштофиќ, кој во текот на целиот натпревар претежно изведуваше песни од домашни (хрватски) изведувачи, па така и вчера го слушнавме со темата „Из једног погледа“ од актуелниот ментор и член на жирито, Масимо Савиќ. Младиот пејач и за овој настап доби само пофални зборови од жирито, а како изгледаше сето тоа можете да погледнете во продолжение.

 

Иако со својот моќен вокал и енергија може одлично да се претстави некоја енергична рок тема, Босанката Магдалена Богиќ повторно доби „помека“ поп-песна, така што овој пат ја слушнавме со хитот „Гинем“ од групата „Магазин“. Жирито го пофали и овој нејзин настап, а Тончи му рече само дека очекувал малку да побегне од огириналната мелодија.

 

Трети по ред настапија момците од групата „9 контрол“, кои и покрај тоа што имаа мали технички проблеми, одлично се снајдоа во изведбата на хитот „Rule The World“ од „Тејк дет“.

 

Во рок варијанта го слушнавме и единствениот кандидат од категоријата постари од 27 години, Амел Ќуриќ, кој направи интересен спој на темите „Тешке боје“ од Горан Баре и „Мајке“ и „Are You Gonna Go My Way“ од Лени Кравиц.

 

Ива Ќуриќ, пак, настапи со темата „Клинка“ од „С.А.Р.С.“, која му ја посвети на своето родно Ѓаково, а за изведбата доби само пофални зборови од жирито.

 

Единствените црногорски кандидати во натпреварот, момците од триото „Хајуеј“ настапија со микс од два хита на легендарната група „Екатарина Велика“„Пар година за нас“ и „Ти си сав мој бол“, што жирито го оцени како нивниот најдобар настап досега.

 

Последните кандидати за вечерта беа босанските фаворити Аднан и Тарик, кои како вовед во „Smoke On The Water“ од „Дип парпл“ , отпеаја делови од песните „Како сам те вољела“ од „Магазин“ и „Све је лаж“ од Дино Мерлин.

 

Додека се пребројуваа гласовите од публиката, настапија и останатите три специјални гости за вечерта, меѓу кои и два минатогодишни учесници на натпреварот. Својот нов сингл „Хајде воли ме“ премиерно го претстави ланскиот финалист Лукијан Ивановиќ, а потоа публиката се забавуваше со темата „Feel The Love“ од уникатниот Славко Калезиќ, кој минатата година го видовме и како финалист и како водител на првата емисија во живо. За прв пат пред публиката во регионот се претстави 24-годишниот хрватски манекен кој гради музичка кариера – Влахо Арбулиќ, кој го претстави својот нов сингл насловен „Bla Bla“

 

На самиот крај на емисијата дојде ред да се објават и имињата на суперфиналистите, како и кои два финалисти ќе си заминат дома. Со најмал број гласови од публиката, веднаш го напушти натпреварот хрватскиот кандидат Антонио Криштовиќ, а во дуелот со песни за спас се натпреваруваа босанските кандидати Магдалена Богиќ и дуото Аднан и Тарик. Магдалена ја отпеа „Има један свијет“ од Зорица Конџа, а Аднан и Тарик „Ти си ми у крви“ од Здравко Чолиќ.

 

Судбината на овие кандидати сега беше во рацете на жирито. Како ментор на популарното дуо, Тончи го даде својот глас за младите момци, но Жељко, Александра и Масимо ја поддржаа Магдалена, така што натпреварот го напуштија Аднан и Тарик.

В недела, 21 јуни, нè очекува големата завршница на втората сезона на „Х фактор“, а за победа ќе се борат суперфиналистите: Боби Мојсоски, Ива Ќуриќ, Амел Ќуриќ, Магдалена Богиќ и групите „Хајуеј“ и „9 контрол“. Како специјален гостин најавен е светски познатиот Џејмс Артур, кој победи на британската верзија на натпреварот во 2012 година.

Дружење со финалистите на „Х фактор“ во „Скопје сити мол“!

Денеска, во „Скопје сити мол“ организирано е дружење и настапи на дел од финалистите од „Х фактор“. На истото место каде што се одржуваа и аудициите, Боби, Давид, Амел и момците од групата „9 контрол“ ќе имаат можност да се дружат со своите фанови од Македонија. Настанот е со почеток од 20.00 часот.

И.Ј.



Врати се горе ↑