Балкан bm

26 април, 2015

„Х фактор“: Боби ги остави без зборови, а Давид ја расплака Александра Ковач!

Започна борбата за опстанок во „Х фактор“! Во рамките на синоќешната епизода членовите на жирито добија улоги на ментори на секоја од четирите категории на натпреварувачи; единствената дама во жирито, Александра Ковач, од овој момент па сè до крајот на сезоната, ќе ги подучува момчињата, Масимо Савиќ ќе работи со постарите од 27 години, Тончи Хуљиќ со групите, а на Жељко Јоксимовиќ му беше доделена категоријата девојки.

Тешката задача да ги одбере најдобрите 6 кандидати од својата категорија ѝ припадна на Александра, која навистина се измачи со своите одлуки. Прв настапи младиот Марко Стантиќ, кој за жал подоцна го изгуби своето место и нема да го гледаме во понатамошниот тек на натпреварот. Ковач веднаш го прати дома и Немања Гузијан, за кого сметаше дека, и покрај тоа што е талентиран, местото не му е во „Х фактор“. Иако добија по едно столче, подоцна своите места ги отстапија и Фарис Пињо, Лука Керечин и Александар Ѓорѓевиќ, а не продолжуваат понатаму ни Иво Јуриќ и Марко Станковиќ.

Конечните 6 кандидати, кои дефинитивно ќе ги видиме и во следната фаза, се момците кои воодушевија и со својата прва аудиција – Антонио Криштофиќ, Илија Михаиловиќ, Милан Букилиќ, мулти талентираниот Синиша Видовиќ и секако нашите Македонци – Боби Мојсоски и Давид Темелков. Талентираниот охриѓанец сите ги остави без зборови со изведбата на „Carrie“ од шведскиот рок состав „Јуроп“ (Europe), а Давид беше и првиот што успеа да ја расплаче Александра со емотивната интерпретација на безвременската „Тајно моја“ од Тоше Проески. Настапите на 6-те кандидати од категоријата момчиња можете да ги прегледате во продолжение.

Боби Мојсоски – Carrie (Јуроп)

 

Давид Темелков – Тајно моја (Тоше Проески)

 

Синиша Видовиќ – Sway (Дин Мартин/Мајкл Бубле)

 

Антонио Криштофиќ – Није љубав ствар (Жељко Јоксимовиќ)

 

Илија Михаиловиќ – Roses (Џејмс Артур)

 

Милан Букилиќ – Sorry Seems to Be the Hardest Word (Елтон Џон)

 

Вториот ментор, кој мораше да ги одбере 6-те најдобри од својата категорија (постари од 27 години), беше Масимо Савиќ. И познатиот хрватски музичар се измачи при одлучувањето кому да даде столче, а кого да прати дома, така што конечната одлука ќе ја дознаеме дури во следната епизода. Нашиот единствен кандидат во оваа категорија е Алмир Исмаили од Скопје, кој засега има обезбедено столче за себе, па се надеваме дека ќе успее да го задржи. Неговата изведба на „What Goes Around Comes Around“ од Џастин Тимберлејк можете да ја погледнете во продолжение, а веднаш потоа и останатите настапи од вчерашната епизода.

 

Во следната епизода ќе видиме какви одлуки ќе донесат Жељко и Тончи, кои ќе ги одберат најдобрите 6 од категориите девојки и групи. Во овие категории би требало да ги видиме битолчанката Марија Груевска, штипјанката Натали Зеринска, Никола и Стефанија Дукоски од Прилеп, како и дуото „Спарклс“ и браќата Спасиќ од Скопје.



Врати се горе ↑