Балкан 10301463_779190032202132_1341524785965376640_n

9 јуни, 2015

„Х фактор“: Боби е безбеден, а Давид, Нина, Илија и Милан си одат дома

Вчеравечер беше навистина стресно за сите финалисти на „Х фактор“ бидејќи од 12-те преостанати кадидати дома си заминаа дури четири, а за жал еден од нив е и нашиот Давид Темелков, како и Нина Симиќ, Илија Михаиловиќ и Милан Букилиќ. Боби, пак, имаше среќа прв да биде прогласен за полуфиналист, така што сè поголеми се шансите да стигне до финале, па и до победа!

Во рамките на вчерашната емисија во живо настапија 5 финалисти со песни по свој избор. Вечерта ја отвори Магдалена Богиќ со двоен македонски рецепт – песната „Не се враќаш“ на Каролина Гочева, чиј автор е минатогодишниот победник на „Х фактор“, Даниел Кајмакоски.

 

По неа настапија Аднан и Тарик со „Mirror“ од Лил Вејн и Бруно Марс, но жирито не беше баш воодушевено од нивната изведба.

 

За нашиот Боби, пак, жирито веќе не може да најде доволно пофални зборови, а неговата одлична интерпретација на хитот „По тебе“ од Тоше Проески повторно ги остави без коментар!

 

Ива Ќуриќ во ретро стил ја отпеа „Give It To Me Right“ од Мелани Фиона, а Милан Букилиќ настапи последен со „Не куни ме, не ружи ме, мајко“ од Луис.

 

Во ревијалниот дел настапија специјалните гости на вечерта – нашата Каролина Гочева, која го отпеа својот хит „Кој да ми запее“, а Саша Ковачевиќ го изведе актуелниот сингл „Где смо моја љубави“, најавувајќи и нов видео запис за недела дена.

 

 

Како што беше најавено, отпаднаа два кандидати со најмал број гласови од публиката и два коишто ја изгубија „борбата“ во дуелот со песна за спас. Првата финалистка којашто веднаш го напушти натпреварот беше Нина Симиќ, а првиот дуел се одвиваше меѓу Антонио Криштофиќ и Илија Михаиловиќ, при што „битката“ ја изгуби Илија.

 

 

Во следниот круг на елиминации веднаш замина дома Црногорецот Милан Букилиќ, а во дуел се најдоа триото „Хајуеј“ и нашиот Давид Темелков. Без да бидеме пристрасни, Давид беше многу поголем фаворит, но за жал Жељко, Тончи и Масимо гласаа за црногорското трио, така што во понатамошниот тек на натпреварот останува само еден Македонец…

 

 

Следната недела нè очекува полуфиналето, а полуфиналистите (Боби, Антонио, Магдалена, Ива, Амел, Аднан и Тарик, „9 контрол“ и „Хајуеј трио“) ќе пеат песни со посвета. Колку од нив ќе продолжат во финале, а колку ќе си заминат дома, ќе дознаеме в недела.

И.Ј. 



Врати се горе ↑