Аудио

15 јануари, 2019

Гуру Харе и Тамара заедно во „Љубов“

Гуру Харе, или македонскиот музичар Игор Атансоски кој се крие зад овој прекар, има нова авторска песна. Како еден од најценетите македонски гитаристи, особено кога се „старите вредности“ во прашање како што се рокот и блузот, Харе е познат по соработката со многу домашни музичари, изведувачи, вокали…

Од придружната група на неприкосновениот Тоше Проески, која патем тој ја оформи, преку членувањето во „Меморија“, соработката со Сашо Гигов – Гиш и Петар Ренџов во легендарните „Банкрот блуз бенд“, па сè до песните и настапите со Игор Џамбазов или „Нокаут“ и уште безброј поголеми или помали музички проекти.

Последнава негова песна го носи насловот „Љубов“, а за свој соработник кој ќе ѝ вдахне душа и совршено ќе ја отпее, Харе овој пат ја одбра Тамара Тодевска.

„Да пееш за љубов, а тоа да не биде патетично, треба навистина да пееш од душа, а Тамара точно тоа и го направи. Таа ја има онаа ’блуз-жичка’ што мене ме придвижува и тоа е сè што треба“, вели Харе во неодамнешен разговор со српскиот портал Опуштено.рс!

Музика и текстот се на самиот Харе, вокалите споменавме ги пее Тамара, гитарските делници, логично, ги свири Харе, бас-линиите Трајко Симоновски – Таци, тапаните Мите Димовски, а клавијатурите Дамир Имери. Темата „Љубов“ е снимена и миксана во студиото „Тра-ла-ла“ на Мите Димовски, а видеоанимацијата ја потпишува Александар Јанковиќ, со почит кон Рој Лихтенштајн, како што пишува.

„Љубов“ е воедно и третиот сингл од новиот албум што го подготвува Харе (по „Ти си таа“ со „Нокаут“ и „Секој ден“ со Џамбазов), а како звучи и изгледа сето тоа дознајте во продолжение. Уживајте!

Извор: Вистина.мк



Врати се горе ↑