17 јуни, 2018

Гуру Харе и „Нокаут“ низ трње, до ѕвездите!

Во пресрет на големиот концерт што ќе им го организира нивната некогашна матична куќа „Авалон продукција“, закажан за 27 октомври во СРЦ „Калемомците од „Нокаут“ продолжуваат со работа на нов материјал, па откако ја објавија соработката со Игор Џамбазов за темата „Што бараш ти во мојата песна“, на ред дојде гостувањето во новото музичко парче на уште еден долгогодишен пријател на бендот – Гуру Харе.

Насловена „Ти си таа“, оваа одлична соработка веднаш ќе им влезе в уво на слушателите, а сигурни сме дека особено ќе им ги разубави претстојните летни денови. Игор Атанасоски – Харе е автор на музиката и текстот, додека аранжманот и продукцијата се на лидерот на „Нокаут“, Никола Перевски – Пере, а и двајцата музичари освен што пеат, свират и на гитара (Харе), клавир и на перкусии (Пере). Придружните вокали се на Михаела Перевска – Миа, Трајко Симоновски – Таци гостува на бас, Бојан Перевски на усна хармоника, а миксот и мастерингот се направени во студиото „Тралала“.

Сето тоа, во форма на краток филм, визуелно го долови режисерот Јован Куциновски, раскажувајќи една мошне инспиративна приказна…

„Кога две енергии ќе се спојат, чуда се случуваат. А, кога ќе се спојат ’Нокаут’ и Гуру Харе, се случува една ваква песна! Се надеваме дека ќе уживате онака како што ние уживавме додека ја снимавме“, порачаа музичарите, а како звучи и изгледа оваа чудесна соработка дознајте во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑