Видео

12 јуни, 2019

Гуру Харе и Дани Димитровска сакаат да останат заедно „Некаде“

Гуру Харе изминатиов период нè почести со мошне одлични соработки кои веднаш наидоа на одличен прием кај публиката, а најнова во низата прекрасни песни е темата „Некаде“, за која музичарот силите ги здружи со колешката Дани Димитровска.

И ова позитивно парче музика е дело на самиот Игор Атанасоски – Харе, чиј потпис стои на музиката, текстот и на аранжманот, а во создавањето учествуваа и Трајко Симоновски – Таци на бас, Мите Димовски на тапани, Дамир Имери на клавијатури и самиот Харе на гитара, додека придружните вокали ги отпеа Дани. Снимањето се одвивало кај Таци и во студиото „Тралала“ на Мите Димовски, кој се погрижи и за миксот и продукцијата, а видеото го реализираше Горан Цветковиќ по идеја и концепт на Дани.

Како и претходните соработки („Староста доаѓа“ и „Секој ден“ со Игор Џамбазов,  „Ти си таа“ со „Нокаут“, „Љубов“ со Тамара Тодевска и неодамна објавената Мајко со Аки Рахимовски), „Некаде“ ќе биде дел од новиот албум на Харе.

Првиот мој албум го пеам сам, меѓутоа, за вториот напишав песни кои бараа различни вокали. Се трудев за секоја од песните, според сензибилитетот и чувството што ги носи, да си го најде вистинскиот глас. Прво ги пишувам песните, а потоа правам ’кастинг’ за тоа кој најубаво би ја донел песната“, објасни музичарот во неодамнешен разговор со струшкото радио „Плеј и додаде дека „ова е периодот кога како автор се чувстува во полна кондиција. Албумот што сега го реализирам и најавувам, веќе ми е напишан. Песните се кај мене во главата и ги свирам на гитара, но многу внимателно ги бирам пејачите бидејќи пејачот треба на вистински начин да се поврзе со песната и да го добиеме тоа што го добивме од Игор, Тамара и Аки“, заклучи Харе.

За Дани, пак, која во март годинава со концерт одбележа 20 години кариера, оваа соработка доаѓа по Растеме заедно“ за кампањата за подигнување на свеста за аутизмот,  макфестовската „Време“ и албумот „Град за љубов“ (2017), кој од неодамна е достапен за преслушување и на нејзиниот официјален канал на Јутјуб. Како звучи и изгледа „Некаде“ на Харе и Дани дознајте во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑