Македонија

15 мај, 2019

Гуру Харе и Аки Рахимовски ги здружија силите за „Мајко“

„Мајко“ е насловот на новата песна на Игор Атанасовски – Харе, за кој музичкиот гуру силите ги здружи со својот македонски колега од Хрватска и вокалист на легендарните „Парни ваљак“ – Аки Рахимовски. Песната е веќе пуштена во радискиот етер, а видеото својата премиера ќе ја има в недела, на 19 мај во емисијата „Еден на еден“.

Како што открива Харе, Аки ја бендисал песната од прво слушање и ја снимиле во Скопје, во студиото „Тавитјан брадрс“.

„Песната настана спонтано, во една дружба, без многу договорање и планирање, и е наблиска до некој македонски блуз. Аки сѐ уште го сочувал правилниот и убав македонски јазик и ја испеа песната токму на тој начин. Пријатно ме изненади. Дики Тавитјан направи одличен аранжман, токму онаков каков што замислував“, изјави Гуру Харе за „Женски магазин“.

Како и секогаш, автор на музиката и на стиховите е самиот Харе, а продуцент е Диран Тавитјан. Сето тоа визуелно го дополни екипата на продукцијата „Мелем“, под режисерската палка на Огнен Шапковски, а улогите им припаднаа на Виолета Шапковска, Сеад Хаџиќ, Милан Тоциновски и Јан Теодоров. Крајниот резултат од оваа соработка ќе го видиме в недела.

„Мајко“ ќе биде четвртиот сингл што го најавува новиот албум на Харе, а ќе ги наследи претходно објавените „Љубов“ со Тамара Тодевска,  Ти си таа“ со „Нокаут“ и „Секој ден“ со Џамбазов.



Врати се горе ↑