Настани

24 април, 2018

„Грин бич фестивал“ летово на нова локација

Најголемиот фестивал на електронската музика кај нас, „Грин бич фестивал“ (Green Beach Festival) ова лето ќе се одржува на нова локација на крајбрежјето на Охридското езеро и тоа за првпат во прекрасната Струга – славниот град на поезијата и на волшебниот Црн Дрим! Со поддршка од локалната самоуправа во Струга, градот и фестивалот ја добиваат новата брендирана „зелена плажа“, која се наоѓа во непосредна близина на хотелот „Еуротел“ и која ги гарантира сите високи организациски стандарди неопходни за реализација на музички настан од калибарот на фестивалот „Грин бич“.

Деветта година по ред, фестивалот „Грин бич продолжува да се одржува со импозантни имиња од глобалната електронска сцена, кои гостуваат кај нас во врвот од својата кариера и со кои овој настан прерасна во синоним за најквалитетно електронско доживување. Ова лето, „Грин бич“ ќе се одржи на 27 јули, а публиката на фестивалот ќе има привилегија да го погледне премиерниот настап во Македонија на најпопуларната дама на светската електронска сценапрогласена и за најдобар диџеј за 2017 година  – НИНА КРАВИЦ! Сибирската техно-дива е позната по бескомпромисните и енергични диџеј-сетови со музика која многумина не би се осудиле да ја „вртат“, а во изминатата година имаше и завршни сетови на одбрани фестивали за кои потоа се зборуваше низ целата планета. Таа важи за една од најхаризматичните личности на електронската сцена, а нејзините настапи се прочуени по уникатното и интензивно  чувство со кое ја восхитува публиката.

Утре почнува продажбата на билетите за „Грин бич фестивал 2018“!

Утре, во среда (25 април) започнува продажбата на првиот контингент влезници за фестивалот „Грин бич“ кои ќе се продаваат по најповолната, промотивна цена од 500 денари, а која важи само за првите 1.000 купувачи. Продажбата на билетите ќе започне утре, точно на пладне и ќе се спроведува во сите продажни места на МкТикетс и онлајн.



Врати се горе ↑